Тошковски за Гаши и косовската свадба: Спикерот, неговото семејство и обезбедувањето не биле евидентирани во системот - ќе има казни за пропустите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека била извршена темелна истрага за начинот на кој собранискиот спикер Африм Гаши отиде на свадба во Косово.
Утврдени се пропусти од вработените на Граничниот премин бидејќи не биле евидентирани лицата кои ја напуштиле држава.
Граничниот премин го поминале вкупно шест возила, од кои три биле полициско, а едно ВИП возило.
-Утврдено е дека планот за патување на претседателот Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги по претходно известување од Министерството за надворешни работи од 16.08.2024 година. Во известувањето покрај претседателот на Собрание, опфатени се и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила. Граничниот премин на 18.08.2024г. во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило. Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата со цел обезбедување на простор без други возила, гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно со член 17 од Законот за гранична контрола, како што се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време, вели Тошковски.
Но иако биле најавени за излез, тој не бил евидентиран во системот, за што Тошковски најавува казни за пропустот.
-Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не евидентираат во системот за контрола на патници и возила. Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила. За утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР. Она што е важно и кон што се стреми Министерството за внатрешни работи е законите да важат за сите исто. За секоја активност која не е во рамки на пропишаните законски и работни процедури мора да има конкретна индивидуална одговорност. Навистина поминаа времињата кога беше нормално полициски службеник заштитен од корумпирана власт да се впушта во активности кои ги надминуваат неговите законски овластувања и обврски. Никој не е, и не може да биде над законот, се вели во неговата објава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа