Нови цени на горивата од полноќ
Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалија за 1,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтини за еден денар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се изврши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,85 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава за 81,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 71, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 70,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,688 денари за килограм се зголеми малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и изнесува 44,748 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,531 отсто, кај дизелот за 2,143 и кај екстра лесното масло за 0,449 отсто, а кај мазутот има зголемување за 3,07 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,7310 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа