Спасовски: Институциите да преземат мерки ако постојат индиции за дестабилизација
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски посочи дека доколку навистина постојат индиции за дестабилизација на државата на есен, тогаш најитно треба да заседаваат Советот за безбедност и Советот за координација на безбедносно-разузнавачка заедница, но првично веднаш да се вклучи Јавното обвинителство. Според Спасовски, мора веднаш да се преземат мерки доколку се подготвува загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет, мирот и стабилноста на државата.
Тој вечерва во гостувањето на телевизијата Сител коментирајќи го предупредувањето на премиерот Христијан Мицкоски дека на есен не очекува дестабилизација на државата, која ќе ја реализира ДУИ со цел да дојде на власт, напомена дека доколку не се преземат мерки, ова само ќе значи дека е чисто политиканство.
-Сметам дека е многу несериозно од претседател на Влада да се излезе и да се изнесе една таква информација дека се подготвува дестабилизација, а дополнително таа информација да ја потврди и министерот за внатрешни работи, и притоа да не се преземе ништо од државните органи. Ако е точно, ако се подготвува дестабилизација, нарушување на уставниот поредок или било што друго што може да го загрози мирот во државата, територијалниот интегритет и суверенитет, здравјето, животот на граѓаните и тогаш се подготвува кривично дело. Значи треба веднаш да се реагира, тие кои го подготвуваат ова, да бидат приведени, рече Спасовски.
Според Спасовски, фактот дека како држава се уште немаме конституирано Совет за безбедност, укажува на тоа дека нема ништо сериозно поради кое што би требало да се свикува Советот.
-Важната работа да ја споменеме е дека вие немате се уште конструирано Совет за безбедност, и информациите укажуваат дека немате намера да свикате Совет за безбедност. Тоа претпоставувам укажува дека претседателката има соодветни информации бидејќи е брифирана токму од Агенцијата за разузнавање и веројатно од тие брифинзи се покажува дека нема ништо сериозно поради кои треба да се свикува Совет за безбедност. Втората опција е дека таа сериозност може и не се сфаќа па не се повикуваат, што не верувам дека е така. Затоа што ако погледнеме во минатото, сме имале мигрантска криза, пожари.. и секогаш ВМРО-ДПМНЕ како опозиција повикува да се свика Советот за безбедност, да се разговара за овие прашања, додава Спасовски.
Спасовски појаснува дека доколку предупредувањето е точно, веднаш треба институциите да реагираат, во спротивно ова е само замајување на јавноста.
-Ако ова е точно, институциите веднаш треба да реагираат. Нема ниту еден граѓанин во Македонија, на кого му е важно дали премиерот или министерот ќе не ифнормира дека нешто наводно се случило. Ние бараме акција. Ако се случува нешто, преземете мерки тоа да не се случи. Заштитете ја државата, заштитете ги граѓаните, додаде Спасовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа