Владата преку конкурс бара членови на Советот за јавни набавки
Лицата кои сакаат да станат членови на Советот за јавни набавки своите апликации може да ги достават најдоцна до петок, 27 декември, до кога трае јавниот конкурс.
Советот, како што информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, ќе биде составен од пет члена, кои ќе ги бира Владата и за својата работа ќе одговараат директно пред Владата.
- Лицата кои ќе станат членови на Советот ќе имаат полн професионален работен однос, односно ќе имаат 40 работни часа во неделата. Доколку во моментот на избор работат на друго место, ќе треба да го прекинат тој работен однос и професионално со полн ангажман да се зафатат со работата во Советот, рече Ѓорѓиев.
Заинтересираните кандидати, како што појасни, треба да се државјани на Република Македонија, да имаат најмалку три години работно искуство од областа на јавните набавки и да имаат завршено најмалку високо образование.
- Сите заинтересирани субјекти кои ги исполнуваат овие критериуми ќе може да ги достават своите апликации директно во Владата или по пошта. Се очекува по истекот на огласот во многу краток рок да бидат избрани членови и да почнат со соодветните обуки, за од 1 мај идната година Советот да почне со работа, истакна владиниот портпарол.
Улогата на ова тело, според него, ќе биде од исклучително значење во овој ново креиран систем, кој ќе обезбеди дополнителен квалитет, полна отвореност и транспарентност, ќе ги спречи можностите за компромитирање на самиот систем. Со неговото функционирање ќе се намалат трошоците во функција на реализација на потребите кои се извршуваат во процесот на јавните набавки.
- Советот за јавни набавки ќе издава четири вида специфични согласности во специфични постапки за јавни набавки, како и во постапки што претставуваат конвенционални јавни набавки, но се одвиваат во специфични услови. Првата е согласност за техничките спецификации и услови, кога на домашниот и меѓународниот пазар нема да можат да бидат обезбедени најмалку пет понудувачи на јавниот процес. Втората е согласност за критериумите за способност во услови кога не постои задоволување на определени услови за способност од минималниот број понудувачи, третата согласност е за користење на критериумот економски најповолна понуда и последната е за групирање на повеќе ставки во еден дел, во јавните набавки во здравството за набавка на лекови, потрошен материјал и медицински помагала, информира Ѓорѓиев.
Советот, додаде, треба да се произнесе во период од 10 дена од моментот кога договорниот орган го известил за определена постапка која има намера да ја реализира, а во исклучителни случаи, доколку јавната набавка има вредност над 500.000 евра, тогаш ќе може да одлучува во 15 дена
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа