Отворени денови за земјоделството и руралниот развој

Новиот проект „Отворени денови на агенциите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за храна и ветеринарство и  за поттикнување на развојот на земјоделството“ ќе почне утре и ќе трае до крајот на февруари 2014 година.

Во овој период, ќе се остварат интензивни посети на општините во Република Македонија, ќе се дискутира за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и за можностите кои се нудат преку нив. Точниот распоред на општините и градовите каде ќе бидат одржувани отворените денови, граѓаните ќе бидат известени преку медиумите и преку веб-страниците на овие три институции.

- Проектот е резултат на соработката со земјоделците во изминатиот период и со бизнис секторот. Од нив произлезе идејата дека е добро да се реализираат интензивни посети на општините во Република Македонија и да се дискутира за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и за можностите  кои се нудат преку нив, рече на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Тони Димовски.

Преку средбите со земјоделците и со бизнис заедницата, како што истакна, ќе бидат споделени искуства и ќе се чујат сугестии во која насока да се продолжи.

- Новитет е поголемото прусуство на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството на теренот. Во овој период ќе бидат отворени осум регионални центри на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во осумте плански региони, рече Димовски.

Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека изминатиот период успеале преку воспоставување соодветна законска регулатива, инспекциска контрола и континуирана едукација и комуникација со потрошувачите, да спроведат едукативни кампањи за запознавање со безбедноста на храната.

- Успеавме во минатото да го подигнеме нивото на свеста и знаењето на потрошувачите, како и за нивното право за безбедна и квалитетна храна. Се покажа дека средбите и комуникацијата што ја имавме во минатиот период се доста значајни и корисни за граѓаните, земјоделците и за Агенцијата за храна и ветеринарство, рече Рунтевски.

Досега, како што рече,  добиле повеќе информации и податоци за тоа како да се подобри имплементацијата на законската регулатива и да се решат одредени проблеми на граѓаните. Рунтевски ги повика граѓаните, земјоделците и бизнис секторот да учествуваат на Отворените денови на агенциите.

На прес-конференцијата присуствуваше и Игор Златков, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството

22.12.2013 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа