Отворено писмо на Македонски манифест : Не во ЕУ по најновото игнорирање за Македонија!

Најновото игнорирање на евроатлантските аспирации на Македонија од страна на Унијата, е уште една потврда за европската недоследност и дволичност, оценува Македонски манифест.

Со нелегалниот третман на кој е изложена Македонија, Брисел длабоко ги изневерува носителите на европската обединувачка идеја: Иго, Волтер, Хердер, Гете, како и нејзините реализатори: Моне, Шуман и Аденауер, се оценува во писмото на група македонски интелектуалци.

Преку писмото се повикуваат македонскиот политичари веднаш, со индигнација да ги отфрлат непристојните уцени и ултиматуми за идентитетско обезличување, бришење од сопствената историска меморија и култура, и од светската карта на народите

Македонски манифест, изразувајќи ги фундаменталните интереси на македонскиот народ, одлучно порачува: НЕ во ЕУ! се додека се оспорува или не се почитува националниот идентитет на македонскиот народ!

Непринципиелниот однос на Унијата кон Македонија која, според оценките на нејзината Европска комисија, ги исполнува критериумите за почеток на преговорите за членство, е историски срам за Брисел. Со непочитување на основните вредности на демократијата и отвореното кршење на меѓународното право, Унијата директно ја уценува Македонија – ако сакате членство, морате да си ги промените името и идентитетот! Таквиот однос кон Македонија е спротивен на основните вредности на европското обединување, чиј носител е токму Унијата, се наведува во писмото доставено до медиумите.

Во него се потсетува дека  Жан Моне во своите мемоари напишал: „Ветото е симбол на немоќта да се надминат националните егоизми“, што води кон блокади. Шуман, пак, запишал: „За реално да постои, Европа треба да биде управувана според принципот на рамноправност на правата и обврските за сите земји“. 

Сега тие сигурно се превртуваат во гробовите гледајќи што направија актуелните европски политичари со нивниот проект, сметаат македонските интелектуалци.

Македонски манифест е уверен дека одговорноста за флагрантните злоупотреби спрема нашата земја, иако се поттикнати од грчките политичари, ја носат сите членки на Унијата, особено најголемите – Германија, Франција, Велика Британија, Италија. Таквото соучесништво докажува дека таму владее правна и морална декаденција. 

Македонскиот народ не е изненаден! Повеќе од две децении, цивилизираното однесување на Македонија се одбива од ѕидот на срамот во Брисел. Зарем токму врвната правна Комисија на истата Унија, предводена од Бадентер, не беше таа која во далечната 1991/92 година оцени дека Македонија ги исполнува условите за признавање, а тоа Брисел целосно го игнорираше и, наместо Македонија, призна друга постјугословенска република, која не ги исполнуваше критериумите?! Така, бескрупулозно го започнаа третманот на Македонија, така и продолжуваат.

Замижуваат пред фашизоидниот концепт за уништување на еден народ. Наместо да ги поддржува и развива изворните, обединувачки идеи на просветителство, хуманизам и праведност, Унијата  стана центар на манипулации и политиканство.

Голем срам и за НАТО и за ЕУ е што измислуваат и јавно подметнуваат дека Македонија не била добар сосед на Грција или на Бугарија. Зарем, во Брисел ослепеле сите и ниту гледаат ниту разбираат дека и Атина, и Софија, не прифаќаат дека постоиме како вековен македонски народ? 

Македонија е голем историски пораз на Унијата во процесот на европското обединување, се оценува во писмото, зад кое стојат Ефтим Клетников, поет, Запро Запров, композитор, Георги Барбаровски, поет, Стојан Стојков, композитор, Стефан Влахов–Мицов, историчар, Слободан Пренџов, универзитетски професор, Васил Атанасов, универзитетски професор, Александар Русјаков, писател.

22.12.2013 - 10:51
Фото: 
а1он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега