Трет ден од Самитот на НАТО во Вашингтон
Во Вашингтон денеска продолжува средбата на шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на која учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
На третиот ден од вашингтонскиот Самит на НАТО, лидерите на Алијансата ќе имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион - Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.
Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Киев колку што ќе биде потребно.
Вчера при пристигнувањето на работниот дел на Самитот, премиерот Мицкоски изјави дека за нас е важно на овој собир да бидат донесени одлуки што ќе ја моделираат иднината на човештвото во следните декади, за што и земјава ќе го даде својот придонес.
- Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право, истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека македонската Влада сака да биде рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани.
- Остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија, нешто коешто е многу важно, затоа што само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела, додаде Мицкоски.
На вчерашниот дел од Самитот, на кој се одржа заседание на Северноатлантскиот совет, лидерите расправаа за усвојување на „значителен пакет“ за поддршка на Украина од пет елементи, кој опфаќа создавање Командата на НАТО за Украина која ќе обезбедува безбедносна помош и обука, потоа ветување за продолжување и одржување на долгорочната поддршката за земјата и испорака на итна воена поддршка, кој ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана и нови билатерални безбедносни договори меѓу сојузниците и Киев, обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските и силите на Алијансата и отворање нов Центар за обука и воздухопловство во Полска.
- Сите овие пет елементи заедно претставуваат силен мост за Украина до членство во Алијансата. И јас сум убеден дека сојузниците ќе ја повторат својата посветеност дека Украина ќе стане членка на НАТО, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според Столтенберг, поддршката за Украина во справувањето со руската инвазија не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедносниот интерес на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО изјави и дека војната во Украина покажала оти безбедноста на членките на Алијансата и на партнерите од регионот на Источна Азија и Пацификот е меѓусебно поврзана, бидејќи Иран, Северна Кореја и Кина станаа „главните овозможувачи“ на руската агресија врз Украина.
Домаќинот на Самитот, американскиот претседател Џо Бајден во воденото обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет истакна дека земјите членки на НАТО мора да ги зголемат своите производни капацитет во одбранбената индустрија за да бидат во чекор со руското производство на оружје и муниција.
- Русија значително го зголемува производството на оружје, муниција и возила со помош на Кина, Северна Кореја и Иран, не можеме да дозволиме Алијансата да заостане, рече Бајден.
Тој изрази задоволство што членките на НАТО работат на проширување на нивната индустриска база и капацитети и што се посветени на зголемување на трошоците за одбраната, што тој го оцени како „критичен чекор за одржување на безбедноста“. Според него, НАТО ќе стане „поиновативен и поконкурентен“ ако членките развијат планови за домашно одбранбено производство.
Бајден оцени и дека во изминатите 75 години, земјите членки растеа и напредуваа под заштитата на НАТО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа