Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

 

Преку стратешки пристап и преземање на низа мерки, Народната банка претставува активен чинител кон создавање зелена и одржлива економија. „Препознавајќи го значењето на климатските ризици, Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, а со мерките за континуирано јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, се придонесува и кон зголемување на неговата способност да го поддржи преминот кон зелена економија. Континуираното јакнење на солвентноста и ликвидноста на банките, заедно со зајакнување на капацитетот за соодветно управување со климатските ризици, ја дефинираат нивната улога на катализатор на финансиските текови кон зелени и одржливи проекти. Состојбата на „зелени“ кредити одобрени на приватниот сектор во 2023 година е зголемена за 2,8 пати во однос на 2019 година“, истакна советничката на гувернерката на Народната банка, Милица Арнаудова – Стојановска, говорејќи за климатските промени и зелените финансии на Марили бизнис форумот, кадешто напомена дека со промените во начинот на утврдување на задолжителната резерва на банките, Народната банка придонесува за поттикнување на „зеленото“ кредитирање. Арнаудова – Стојановска нагласи дека растот на овие кредити е речиси во целост движен од корпоративниот сектор, додека учеството на „зелени“ кредити во вкупните кредити на банките на крајот на 2023 година изнесува 4,5% и има тренд на пораст.

„Препознавајќи ги предизвиците од климатските промени на долг рок, централните банки имаат сѐ поголема улога во транзицијата кон зелена и одржлива економија, што е видливо од податоците на Глобалната студија за управување со резерви (Global Sovereign Asset Management Study, 2021) која покажува дека расте процентот на централни банки (35% во 2020 година наспроти 64% во 2021 година), кои се согласуваат дека „зелените“ обврзници треба да бидат дел од портфолиото на девизните резерви“, посочи Арнаудова – Стојановска, која додаде дека во таа насока дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. 

Народната банка изработи Среднорочен план на активности во доменот на управување со климатските ризици, 2023-2025, донесе насоки за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, неодамна во рамките на активностите за промовирање на зелените финансии објави и преглед на „зелените“ показатели. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, што е клучно при изработката на анализите и креирањето на политиките.

„Порастот на климатските ризици поттикнати од технолошките промени, владините политики за климатска неутралност до 2050 година, како и промените во преференциите и кај инвеститорите и кај потрошувачите, наметнаа потреба за проактивно делување на сите чинители во еко-системот. Па така, за корпоративниот сектор особено се важни промените во регулативите поврзани со транзицијата кон јаглерод-неутрална и циркуларна економија“, потенцира Арнаудова–Стојановска и го истакна значењето за усогласување на домашната законска регулатива со соодветните ЕУ регулативи.

19.05.2024 - 10:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега