Каде најмногу купуваат онлајн Македонците во странство, а од каде најмногу се купува од домашните е-трговци?
КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАЈН МАКЕДОНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД СТРАНСКИ Е-ТРГОВЦИ?
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, за 2023, согласно кои Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 573.4 милиони евра, а од тие дури 34% односно 195.6 милиони евра ги потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2022 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25.3% повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4.6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. 72% од вредноста и 80% од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија.
Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27.5 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија односно 144.3 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11.7 евра.
Најмногу Македонците направиле трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39% од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), додека највисокиот оставерн број на трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.
„Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25% наспроти 46% во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пр. кон Холандија (114%) и Унгарија (82.4%), а во 2023 година истиот е забавен и изнесува 41.5% и 21.6% соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите кои сочинуваат 72% од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81.6%). Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навики и зголемено користење на онлјан купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите" - вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.
ОД КАДЕ И КОЛКУ КУПУВААТ ОНЛАЈН СТРАНСКИТЕ ИМАТЕЛИ НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ Е-ТРГОВЦИ?
Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26.8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од скоро 23%. Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 852.3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31.4 евра по трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година 50% припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Скоро 4 милиони евра или 18.5% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2.6 милиони евра или 9.7% од Швајцарија и 1.7 милиони евра или 6.2% од Обединетото кралство. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 5.6% од онлајн трансакциите, Турција со 4%, и Ирска и Бугарија 3% од вредноста на онлајн трансакциите.
ВО 2023 СПРЕМА 2022 ГОДИНА ВРЕДНОСТА НА Е-ТРАНСКАЦИИТЕ ОД СТРАНСТВО КОН МАКЕДОНСКИ Е-ПРОДАВНИЦИ Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 23%, ДОДЕКА БРОЈОТ ЗА СКОРО 37.7%
Понатамошната анализа на бројот и вредноста на направените трансакции од странство кон македонските е-трговци е направена подетално за земјите кои остваруваат 50% од вкупно направената вредност. На сликата во продолжение прикажани се бројот, вредноста, просечната вредност по трансакција и остварениот пораст во 2023 година во однос на претходната на овие 7 земји и остатокот од светот. Најголем пораст на бројот како и на вредноста на направените онлајн трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, додека највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра.
„Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од било кој крај на светот. Остварениот годишен пораст од 23% на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци односно 26.8 милиони евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал. Имено од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници што нѐ упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници. Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија." - додаде преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа