Борисов во центар на корупциска афера

Во најновиот скандал, некои членови на поранешната влада директно се поврзани со организиран криминал и корупција.

Откако во 2007 година стана членка на Европската унија, Бугарија ја тресат многу корупциски скандали во чиј центар се политичарите. Но, ниту еден од нив не е до крај процесуиран, на што често предупредува и Брисел.

Најновиот во низата скандали, предизвика посебно внимание кај јавноста. Некои членови на поранешната Влада директно се поврзани со организиран криминал и корупција.

Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, доаѓа во државно обвинителство.

Незаконски снимки

Јавноста будно го следи секој негов чекор. Снимките кои откриваат неприфатлива блискост на политиката и судството, Бојко Борисов и поранешниот градски обвинител на Софија Николај Кокинов, ја потресоа Бугарија. Но, снимани се незаконски.

- Тоа не беше сослушување. Разговаравме како да откриеме организирана криминална група која нелегално прислушкува во домовите – вели Борисов.

Прислушкувањето во Бугарија станува многу распространето, велат во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тие потенцираат дека тоа често открива корупција, но прашање е кој е осомничениот, а кој е жртвата.

Красимир Канев од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели: 
- Очигледно, господин Борисов може да биде сведок, но и жртва. Ако го следиме контекстот на разговорот, ќе видиме дека има работи кои го ставаат во улога на осомничен, иако може на крај да биде и ослободен.

Случајот со прислушкувањето на Борисов, следеше недолго по аферата позната како Бугарски вотергејт, во која биле прислушкувани високи функционери од опозицијата и бизнисмени. Но, како партиски кандидат за изборите, осомничените се заштитени со имунитет.

За политичкиот аналитичар Марин Лесински, ништо необично. На земјата во која корупцијата е два до три пати поголема од Европската унија и требаат промени, вели тој.

- Не сум скептичен, само сум внимателен. Треба да се почека и да се види што ќе се случи. Притисокот од јавноста е голем, но ние Бугарите сме многу трпеливи. Не протестираме често како во другите земји. Тоа се случува на секои 50 години, но кога ќе се случи тогаш е сериозно – вели Лесински.

Најтешко ќе биде по изборите

За правосудните институции ќе има многу работа. Но, најтешкото доаѓа по изборите.

- За време додека трае истрагата против високи поранешни функционери, ни обвинителството ни судот не сакаат да даваат изјави за медиумите. Но, корупцијата и понатаму е еден од клучните проблеми во Бугарија и затоа оваа земја и понатаму останува под будното око на Брисел - известува Надина Маличбеговиќ од Софија.