Течат роковите за приговори до ДИК, партиите продолжуваат со изборните активности
Во вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржат на 8 мај заедно со парламентарните избори, одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои освоија најмногу гласови според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија. Во тек се роковите за приговори до ДИК, кои можат да ги поднесат кандидатите за постапката на гласање и за сумирањето на резултатите.
До денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа. Како што вчера појасни претседателот на ДИК Александар Даштевски, кандидатите доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
Првичните официјални резултати што вчера ги објави Државната изборна комисија покажуваат дека на гласање излегле 905.971 граѓанин односно дека одѕивот бил 49,93 проценти.
За Силјановска-Давкова гласале 363.086 гласови или 40.08 проценти, за Пендаровски 180.500 гласачи или 19,92 проценти, за Бујар Османи од ДУИ 121.088 или 13,07 проценти, за Максим Димитриевски од ЗНАМ 83.856 гласови или 9,26 проценти, за Арбен Таравари од албанската опозиција Вреди 83.393 гласови или 9,2 проценти, за Билјана Ваковска од Левица 41.331 глас или 4,56 проценти и за Стево Јакимовски од ГРОМ - 8.121 глас.
Гласањето на трите избирачки места во кумановско каде имаше прекин повеќе од три часа нема да се повтори бидејќи тоа, како што објаснија од ДИК, не влијае на конечните резултати, а ќе бидат разрешени и избирачките одбори на овие избирачки места.
- Врз основа на пристигнатите записници од ОИК доставени до ДИК и од увидот во истите и комуникацијата што ја имавме остварено во текот на вчерашниот ден со ОИК Куманово утврдивме дека избирачките одбори на овие три места немаат постапено соодветно на упатствата што ги носи ДИК, истакна Бобан Стојановски од ДИК.
Исто така ДИК ја задолжи и правната служба да утврди дали има основи за одговорност на избирачките одбори.
На изборите на 8 мај во избирачките одбори ќе има по седум члена наместо сегашните пет со цел подобра ефикасност во организацијата на работа, избегнување гужви на гласачкото место и избегнување на можноста од евентуални грешки.
Меѓународната набљудувачка мисија за изборите составена од претставници на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа го оцени првиот круг од изборите како позитивен при што во голема мера биле почитувани процедурите за гласање, додека во некои случаи при пребројувањето избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури.
-Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше се’ понегативна и во некои случаи дискриминаторска одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби, посочи Џилијан Стирк, шеф на мисијата ОБСЕ/ОДИХР на вчерашната прес-конференција.
Во однос на распределбата на средствата за кампањата, оценката на ОБСЕ/ОДИХР е дека поврзаноста на распределбата на средствата за кампањата и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизирала кандидатите кои се поврзани со големите политички партии.
Меѓународната набљудувачка мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај, а конечната оценка за двојните избори во земјава ќе ги објави два-три месеци по завршување на изборите.
Партиите продолжуваат со изборните митинзи и средби со граѓани
Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера од митингот во Сарај рече дека ја прифаќаат пораката што им ја испратиле граѓаните со гласањето, но додаде дека одлуката повторно е во рацете на граѓаните кои треба да одлучат дали се за европска иднина на државата. Потенцираше дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европската иднина на државата, затоа што, како што посочи, само така ќе има поквалитетно образование и здравство, поефикасна борба против криминалот и корупцијата и подобар животен стандард за граѓаните.
- Знаеме дека изборите на 8-ми мај ќе бидат многу тешки, но резултатот сè уште не е одлучен. Одлуката е во рацете на граѓаните, но сите треба добро да размислат како ќе влијае на нашата иднина ако десничарска партија добие преголема моќ или ако се вратиме во грдите времиња на меѓуетнички тензии, истакна Ковачевски.
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ и носител на листата во Првата изборна единица Христијан Мицкоски вчера на митингот во Струга рече дека резултатот од изборите бил одговор на, според него, предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на граѓаните од страна на владата на СДСМ и ДУИ. Повика на обединување на народот и на сите сегменти на општеството против актуелната власт.
- Ги повикувам сите и стари и млади, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи, сите граѓани во Македонија да се приклучат. Ова не е само моја или само наша битка овде, туку битка на народот против оваа власт. Подавам рака и барам да се приклучат сите: земјоделците, вработените, невработените, лекарите, млади, стари, стопански комори.., против заедничкото зло и изворот на сите страдања, а тоа е оваа Влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
Во албанскиот блок вчера претседателскиот кандидат на албанската опозиција Арбен Таравари ги демантираше пишувањата во албанскиот „Топ-ченел“ оти тајно се сретнал и добил понуда од претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.
-Со жалење денеска од еден многу сериозен албански медиум како што е Топ-ченел дознав дека синоќа сум се сретнал со господинот Ахмети и други функционери на ДУИ, за да слушнам понуда од него. Не, не е вистина. Кој и да ја дал оваа вест на Топ-ченел, лаже. Синоќа му честитав на мојот тим и мирно денеска продолжуваме со нашата работа Кон промената! Навикнат сум на понудите на Ахмети и мислам дека не би било изненадување доколку дојде до мене, но оваа вест е лажна, истакна Таравари.
Во веста на „Топ-ченел“ се вели дека „Таравари добил сериозна понуда од Ахмети да се приклучи на „Европскиот фронт'“, за која велат дека самиот Таравари ја потврдил информацијата за средбата“.
-Неколку часа по поразот на вчерашните претседателски избори, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари одржал тајна средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и техничкиот премиер на Северна Македонија, Талат Џафери. Самиот Таравари ја потврди средбата за домашните медиуми, но не сакаше да даде повеќе детали. Прашан дали ќе ја прифати понудата што му ја дал првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, Таравари изјави дека наредните денови јавно ќе проговори. Медиумите објавија дека на средбата на која присуствувал и еден министер од ДУИ во владиниот кабинет, Ахмети му дал сериозна понуда на Арбен Таравари да се приклучи на „Европскиот фронт“ и сега се очекува неговиот конечен одговор, објави „Топ-ченел“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа