Одделот за кардиологија на Детската клиника во ново руво

ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката за детски болести се поднови со полици, постелнини, клима уреди, бироа, столчиња, медицинска опрема и варосани простории. Се работи за донација на компанијата „Техномаркет“.

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова се заблагодари за опремувањето на собите, како што рече, еден од  приоритетните оддели на Клиниката, одделот за кардилогија.

- Оваа година почна проектот за неонатална кардиохирургија. Ова е почеток на една акција. Донацијата на компанијата ќе овозможи уште полесно и безбедно да се дијагностицираат сите деца кои имаат проблеми со срцето, посочи Софијанова.

Шефот на одделот, Розана Кацарска рече дека Клиниката оваа година речиси целосно е реновирана и кардиолошкиот оддел во целост ги исполнува речиси сите светски стандарди. Донацијата, рече таа, ќе ни го овозможи работењето во поликлиничкиот дел со пациентите кои секојдневно се прегледуваат во амбулантата.

Таа појасни дека  оваа година биле оперирани 39 пациенти со многу висока комплексност и со одлични постоперативни резултати.

- Ние како доктори сме пресреќни што државата овозможи децата тука да се оперираат. Сите деца се бесплатно оперирани, значи преку Фондот за здравствено осигурување. Ова е голем успех и голема помош на родителите со вродени конгенитални кардиопатии, додаде Кацарска.

Донацијата е реализирана за време на тримесечната кампања „Купуваме и радост споделуваме“ на Техномаркет. Дел од прометот бил издвојуван и компанијата го наменила за доопремување и реновирање на ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката.

Марија Ристовска од компанијата им се заблагодари на купувачите кои биле дел од хуманатата акција, истакнувајќи дека ќе продолжат и натаму да организираат такви општествено одговорни акции, кампањи кои се корисни за целата заедница.

- Идејата беше да го опремиме ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката, да наликува на детска соба со цел на дечињата да им биде поудобно додека се на преглед. Се надевам дека новиот изглед на одделот ќе ги оправда нашите заложби и дополнително ќе мотивира уште многу други компании да го следат нашиот пример, рече Ристовска. 

19.12.2013 - 13:39
Фото: 
А1Он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега