Бесими: ЕУ и НАТО да помогнат во спорот за името

Етничките албански граѓани во Македонија ги повикуваат странските лидери да и помогнат на земјата да најде решение на спорот за името со Грција и да ги почне пристапните преговори со ЕУ, пишува порталот „Еурактив“.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, во интервју за Еурактив упатува апел до меѓународната заедница, особено ЕУ и НАТО, да интервенираат во 20 - годишниот спор меѓу Грција и Македонија за името и да и помогнат на земјата да излезе од ќор-сокакот во кој се наоѓа.

- Сегашната ситуација стана предизвик за нашата земја,  очекувања станаа различни во различните етнички групи, вели Бесими.

Бесими смета дека „албанската заедница е незадоволнa од недостигот на напредок во интеграцијата во ЕУ и Албанците чувствуваат дека напредокот кон ЕУ ќе ги зголеми можностите за работа и ќе ги унапреди нивните права, во време кога невработеноста се уште е голема“.

- Ние ќе продолжиме да разговараме со нашиот сосед, Грција, во рамките на ОН, но потребно ни е меѓународната заедница да помогне во овој процес, без разлика дали се тоа институциите на ЕУ, земјите-членки, НАТО или САД. Не прејудицирам формат, но видовме како ЕУ успешно се вклучи во билатерални спорови како што се Србија и Косово или Словенија и Хрватска, вели Бесими.

19.12.2013 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега