МФ: Позитивните остварувања отсликани се во буџетот

 

Во услови на неизвесност произлезена од кризите на глобално ниво во овие 4 години оваа Влада во својот мандат доби дополнителна задача да ги сервисира сите обврски настанати во претходниот период, да обезбеди поддршка за надминување на ковид-кризата, потоа енергетската и ценовната и истовремено да даде поддршка за да ја одржи економијата на нозе. Сето ова може да  се погледне наназад низ податоците кои ги покажуваат постигнувањата од спороведените политики. Само во 2020 година мерките го ублажија падот на БДП и наместо пад од над 8% беше остварен пад од 4,5%. Во 2021 година БДП забележа раст од 4,5%, при што веќе во првата половина растот на економската активност од 7,8% го надмина растот од пред ковид (во 2019 беше 3,9%).Донесени 9 пакети антикркизни мерки за справување со влијанието од кризите во износ од 2,7 милијарди евра. Тоа беа мерки насочени за поддршка на граѓаните и компаниите. Сетото мерки за ковид-кризата изнесуваше околу 1,2 милијарди евра насочени кон заштита на животот и здравјето на граѓаните, да се зачуваат работните места и да се одржи економијата во живот. Втората група мерки, која беше одговор на енергетската криза и потоа на ценовната, Буџетот го чинеше околу 780 милиони евра, а со него се направи апсорбирање на ударот врз ранливите категории граѓани и компаниите. Последниот пакет мерки од 662 милиони евра, кој се уште е во тек, е одговор на продолжениот ефект на ценовната криза, односно заштита на стандардот на граѓаните, помош на најранливите категории, како и поддршка на компаниите преку кредити со поволни услови. Од страна на Светска банка беше оценето дека Владата даде најенергичен одговор во регионот на Западен Балкан, кој согласно процените на Групацијата изнесува околу 5% од БДП.

 

Сето тоа во услови на стеснет фискален простор, затегнати услови на глобалните финансиски пазари и притисок за фискална консолидација и забрзување на растот.

 

Преку конзистентен план и покрај потребата од голема буџетска поддршка за финансирање на антикризните мерки и сервисирање на доспеаните долгови обезбедени се услови за постепена фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит.

Во 2020 година буџетскиот дефицит е реализиран на ниво од 8% од БДП (проектиран 8,4%), во 2021 година 5,4% (проектиран 6,1%), во 2022 е реализиран на ниво од 4,5% од БДП (проектиран на 5,4% од БДП), а во 2023 година 4,67%. Трендот на намалување на дефицитот и фискалната консолидација ќе продолжи и во оваа година со проектиран буџетски дефицит од 3,4% од БДП во 2024 година.

 

Истовремено извршена е исплата на стари долгови во износ од  2,3 милијарди евра (2.305 милиони евра) обезбедени се средства за реализација на крупни инфрструктурни проекти во патната, железничката инфраструктура и енергетиката кои носат раст и развој на државата.

Во вака поставени услови успеавме да го одржиме растот на економијата, имајќи предвид дека како отворена мала економија, сите случувања на глобално ниво, особено во Европа и СР Германија, како наш главен трговски партнер,, многу брзо се прелеваат во нашата економија. Последните проценети податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека растот на БДП во 2023 година е 1% и претставува помало остварување за 1,3 процентни поени во однос на проекцијата, но сепак позитивните остварувања што се постигнати ќе придонесат за нагорно ревидирање на овие проценети податоци во наредниот период Согласно досегашната пракса објавените проценети податоци за 2023 ќе бидат неколкукратно ревидирани, кои може да бидат предмет на проценка повторно во јуни 2024, за во септември да се објават претходни податоци за 2023 и дефинитивни податоци за 2023  во септември 2025 година.

Во 2023 со износ од над 700 милиони евра, капиталните инвестиции се зголемени за над 50% во споредба со претходната година, а во споредба со годините пред тоа капиталните инвестиции се 2-3 пати повисоки. (12,1 милијарда денари во 2018 година, 17,8 милијарди во 2019 година) Освен тоа, во 2023 година е остварена исклучително висока реализација на капиталните инвестиции од 96,8% од планираните. Исто така имаме рекордно ниво на странски директни инвестиции  (745 милиони евра во 2022 година и 617 милиони евра во 2023 година), што е далеку над просекот кој се движи околу 300 милиони евра во претходните 10 години.   Вкупните приходи во Буџетот се зголемени за 14% во 2023 година, при што раст бележат данокот на личен доход (14,3%), данокот на добивка (7,3%), ДДВ (8,1%), како и придонесите (19,3%), што се реални остварувања отсликани во собраните буџетски приходи, кои укажуваат на уште попозитивни перформанси во економијата. Дополнително кај капитални инвестиции во износ од 707 милиони евра имаме рекордна реализација од 96,8% и кои  во споредба со годините пред тоа се 2-3 пати повисоки. Остварен номинален раст на платите од 14,9% и реален од 5,1% врз основа на официјални податоци од УЈП и АВРСМ. Ова ја вбројува РС Македонија во земјите во кои не само номиналната, туку и реалната плата е повисока во споредба со пред неколку години и каде порастот на платите го следи порастот на цените. Стапката на невработеност е во континуиран пад (13%) додека стапката на вработеност (56,6%) и бројот на вработени е во пораст во првите три квартали во 023 година, исто како и во годините пред тоа. Раст бележат и кредитите, при што вкупниот износ на кредити во 2023 година е зголемен за 5,1%, додека кредитирањето на претпријатијата е зголемено за 3,3%.

 

Ова се податоци кои ја отсликуваат реалноста во земјата, кои се резултат на политиките што ги спроведува оваа Влада, резултат на напорите да се заштити стандардот на граѓаните во овој период на кризи и истовремено да се обезбеди подобра иднина и перспектива за граѓаните и компаниите.

04.04.2024 - 17:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега