Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера
По повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.
На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор, информираа од Кабинетот на претседателот.
Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи ја одржа завршната молитва.
„Најсветиот месец во Исламот, Рамазан, е време за духовно закрепнување, за обновување на релациите со роднините и пријателите, но и за милост и солидарност кон немоќните. Како што рамазанскиот пост е лично искушение на внатрешно преиспитување на поединецот, така Ифтарската вечера е заеднички чин на социјална правда бидејќи подразбира правење место на трпезата и за оние кои имаат помалку. Тоа е особено важно во време на глобални кризи кои најмногу ги удираат најранливите и најсиромашните“, кажа Пендаровски на вечерата.
Но, освен за продлабочување на верата во животот на верникот, Ифтарската вечера е и можност за продлабочување на соживотот во македонското општество.
„За нашите предци немало поголема чест од тоа, некој со различна вера од нивната, да ги покани на празнична трпеза. Кога муслиман кани на Ифтар, или кога христијанин подарува велигденско јајце, тоа е начин да каже дека ја почитува твојата различност и те прифаќа таков каков што си. Тоа го правиме и ние вечерва“, додаде Пендаровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа