Една година по изборот на Франсоа Холанд, Французите не гледаат промени

 

Франсоа Оланд стана претседател на Франција пред една година, но дури 73 отсто од анкетираните Французи не забележаа промени во земјата, јави дописникот на МИА од Париз.

Оланд вети промени, но испитувањето на „ОпинионВеј“ за Кле-Метро-ЛЦИ, објавено вчера покажува дека дури 73 отсто од Французите мислат дека нештата не се менуваат во Франција, спротивното го мислат само 26 отсто од испитаниците.

Оланд беше избран под изборниот слоган „Промените се сега!“. Но не само што нема промени, туку дури само 25 проценти од испитаните Французи изјавиле дека се задоволни од политиката која ја води претседателот, додека 73 отсто не се задоволни.

За споредба со претходникот на Оланд, Никола Саркози по една година помината на власт од него беа задоволни 39 отсто од испитаниците.

Најомилен министер во социјалистичката Влада е министерот за внатрешни работи Мануел Валс за кој позитивно мислење имаат 48 отсто од испитаниците, потоа министерот за одбрана Жан-Ив Ле Дриан 44 отсто и портпаролката на Владата и министер за Правата на жените Нажат Вало-Белкакем со 42 отсто позитивно мислење.

Кај лидерите од опозицијата најмногу популарност ужива актуелниот градоначалник на Бордо, Ален Жипе со 43 отсто позитивно мислење, следен од Франсоа Фијон со 40 отсто и лидерот на центарот Жан-Луи Борло со 37 отсто позитивно мислење.

најчитано сега