Хрват го пронајде гробот на Александар Македонски во Свети Николе

Геоглифот во близина на Свети Николе кај селото Црнилиште го означува гробот на Александар Македонски,  смета самостојниот истражувач од Хрватска Домагој Николиќ, кој денеска пристигна во Свети Николе за да присуствува на празникот на градот.

Николиќ вели дека доколку се докаже дека тоа е гробницата на Алесандар Македонски, ќе се смени не само историјата, туку и нашата иднина.

- Според мене се работи за гробницата на Александар Македонски. Јас своите аргументи ги темелам на моите читања на овој геоглиф, кој всушност по аналогните правила кои се работени по древните метафизички градби, како на небото, така и на земјата, геоглифот ја прикажува сликата на големата мајка која се огледува по точно математички, астрономски и геометриски, во чест на роденденот на Александар Македонски, кој го славиме секоја година на 21 или 22 јули и единствено во тие денови во зората на овој геоглиф е управуван со Касиопеја, изјави Николиќ.

Професорот од Скопскиот универзитет Аристотел Тентов рече дека на ова место има еден цел текст кој говори кој го изградил но, според него, кој е закопан во гробницата треба да покажат археолошките истражувања и тоа со современи методи.

Градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев изјави дека  самостојните  истражувачи досега најмногу придонеле за промоција на Свети Николе, а дали приказната за гробот на Александар Македонски е вистинска или не, рече тој, ќе покажат истражувањата на археолозите.

- Јас ќе го компарирам ова само со приказната за Лох Нес, никој не го видел чудовиштето од Лох Нес во езерото, но милиони туристи доаѓаат да го видат. Ние овде го имаме и геоглифот и локалитетот Била Зора и верувам дека во иднина ова ќе стане вистинска туристичка атракција,  на што работиме на специјална програма,  рече Тасев.

Тој истакна  дека веќе има голем интерес од граѓани и од  туристи од други земји за да го поисетат ова место кое, според локалните жители, е свето место, а никој од нив не го ни обработува.

Геоглифот е во непосредна близина и на пајонскиот град Била Зора, за кој наредната година се најавени поголеми археолошки истражувања

18.12.2013 - 21:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега