Македонските банки најавуваат: Ќе даваме повеќе кредити во 2014 година
До крајот на годинава и во 2014-та ќе се зголемат кредитните активности на банките. Охрабрувачки се податоците од статистика дека и третиот квартал е со добар пораст, значи дека и банкарскиот сектор ќе заживее зашто ликвидноста и натаму е голема, има доста пари кои треба некаде да се пласираат.
Ова го изјави Ѓорѓи Јанчоски кој денеска беше реизбран на функцијата претседател на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија што ќе ја изврушува и наредните четири години.
Во моментов, нагласи, нема навестувања за окрупнување на банкарскиот сектор, за евентуално спојување на некои банки, што според економската логика би требало да се случи.
- Економската логика оди на тоа дека помалите банки не ќе можат подолго време да издржат со ова темпо во услови кога маржите на банкарскиот сектор се намалуваат. Секоја, и помала банка треба да има одредени функционалности. Во битката со поголемите банки тие не би можеле подолго време да издржат па логично е да има некое окрупнување. Но, дали тоа ќе се случи, нема навестување, истакна Јанчоски.
Според банкарите, извршувањето не е промет и на тоа не би требало да се плаќа данок на додадена вредност. Во овој дел од законската регулатива, бараат интервенции. Сметаат дека се неопходни измени и во Законот за девизно работење кој, како што посочи Јанчоски, има примеси на социјалреализам и не одговара на сегашното време.
Секторот има проблем и со давањето известувања на американските граѓани кои имаат сметки во македонските банки поради оданочување. - Американската Влада бара домашните банки да известуваат, а ние не можеме да даваме податоци додека не се промени домашната регулатива. Тоа се некои од нашите барања во моментов до Владата. Досега имавме разбирање, Министерството за финансии ги менуваше законските прописи, нагласи Јанчоски.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со апелот на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески големите банки да ја сменат политиката зашто малите и средните повеќе го финансираат стопанството, Јанчоски со став дека пазарот е менлива категорија, нормално е да има промени во влијанијата, се јавуваат помали или средни банки кои се поамбициозни и затоа нивниот процент на кредитирање годинава беше поголем.
- Банките не запреле со кредитирање, продолжуваат со тие активности. Минатата година во услови кога немаше раст, не можевме да го зголемиме кредитирањето, истакна Јанчоски.
Заменик претседателот на Здружението Јитка Пантучкова која исто така ја доби довербата да остане на функцијата и во следните четири години, рече дека банкарскиот сектор и банкарската регулатива во Македонија се целосно изедначени со оние на Европската унија. Ова, потенцира, беше јасно подвлекувано досега, како и на денешната седница.
Пантучкова оцени дека 2013-та беше година на странски инвестиции за Македонија, вложувањата во земјава многу пораснаа.
Здружението, најави раководството, ќе продолжи со дијалогот на дневна основа, банкарски сектор - Министерство за финансии- Народна банка
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа