Македонските и албанските компании ќе ја подобруваат соработката

 

Во Тетово денеска се одржа македонско-албански бизнис форум со цел подобрување на соработката. Организатори на форумот се Сојузот на стопански комори на Македонија и Институтот за современи истражувања од Албанија, а целиот проект е финасиски подржан од ИПА фондовите на Европската унија.

- Тридневната програма опфаќа студиска посета на компании од регионот на Корча во Тетово каде преку овој бизнис форум тие со своите македонски колеги може да разменат информации, планови како и опрема и технологија но и податоци за дистрибуција и продажба на нивните производи во двата региона. Претходните истражувања покажуваат дека околу 40 отсто од фирмите во Полог имаат соработка со фирми од Албанија кои се сместени во централното подрачје на земјата околу Тирана но недоволна соработка со реонот на Корча најмноги поради немање доволно информации како и постоечките административни, царински и други бариери. Овој моменти покарј другото ќе бидат проанализирани по што можните решенија што ќе произлезат во дебатата ќе бидат доставени до двете влади за олеснување на бизнисот помеѓу Полог и Корча, изјави директорката на проектот од Сојузот на стопански комори, Гордана Стефковска Вељановска.

Според проект менаџерот од Иститут за современи истражувања од Албанија  Ендрит Капај  во овој проект се вклучени регионите на Полог од македонска и оној на Корча од албанска страна со нивните потенцијали за развој на бизнисот како туризмот, индустријата, транспортот и слично.

- Со него сакаме да придонесеме за воспоставување на врски помеѓу копманиите и отворање на фирми од едниот во другиот регион и обратно. Она што сакаме да го потенцираме е да се воспостават врски помеѓу компании од слични области како на пример текстилната индустрија со што ќе се отворат заеднички можности за пласман на нивните производи на поголеми пазари, рече тој.

Инаку, на Македонско-албанскиот бизнис форум во Тетово учествуваат претставници на петнаесеттина фирми од Корча и околу дваесеттина компании од Полог.

18.12.2013 - 13:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега