Трамп: „Тик-Ток“ е закана за националната безбедност, но децата би полуделе без него
Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека Тик-Ток е закана за националната безбедност, но дека забраната на популарната апликација ќе влијае на децата и ќе го зајакне Фејсбук, што републиканецот силно го критикуваше.
Трамп тоа го изјави додека законодавците оваа недела разгледуваат нацрт-закон со кој на сопственикот на ТикТок, ByteDance, ќе му дадат околу шест месеци да се откаже од сопствеништвото на популарната апликација за кратки видеа.
Претставничкиот дом на Соединетите држави треба да гласа во среда за легислативата со која на кинескиот ByteDance ќе му даде краток рок да се повлече од платформата што ја користат 170 милиони Американци.
„Ако го забраните ТикТок, тогаш Фејсбук и другите, но главно Фејсбук, ќе станат многу посилни. Мислам дека Фејсбук беше многу нечесен“, изјави Трамп за „Си-ен-би-си“.
Трамп претходно ја критикуваше компанијата, сега наречена Мета платформи, за прекин на неговиот пристап до Фејсбук и Инстаграм, откако отстрани две негови објави за време на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Неговите кориснички профили беа вратени во февруари 2023 година.
Трамп, исто така, рече дека забраната на Тик-Ток може да влијае на младите луѓе.
„Има многу млади деца на Тик-Ток кои ќе полудат без него. Има многу лоши и добри работи во Тик-Ток“, рече тој.
Претседателот Џо Бајден минатата недела изјави дека ќе го потпише законот, кој беше едногласно одобрен од конгресната комисија.
Тик-Ток, кој тврди дека не споделува и нема да споделува податоци за американските корисници со кинеската влада, верува дека законот ефикасно ја забранува апликацијата. Не е јасно дали Кина ќе одобри каква било продажба и дали ќе се продава за шест месеци.
„Овој закон има однапред одреден исход, а тоа е целосна забрана на Тик-Ток во САД. Владата се обидува да лиши 170 милиони Американци од нивното уставно право на слобода на изразување“, соопшти компанијата.
Нацрт-законот ќе му даде на ByteDance 165 дена да се ослободи од сопственоста на Тик-Ток. Ако не се случи тоа, продавниците за апликации управувани од Apple, Google и други нема да можат легално да нудат Тик-Ток или да обезбедуваат услуги за веб-хостинг на апликации контролирани од ByteDance.
Во 2020 година, Трамп се обиде да ги забрани „Тик-Ток“ и „Ви чет“ во кинеска сопственост, но беше блокиран од судовите.
Апликацијата е многу популарна меѓу Американците, па затоа ќе биде тешко за Претставничкиот дом и Сенатот да го усвојат предложениот закон во изборната година. Кампањата на Бајден се приклучи на ТикТок минатиот месец, но на Трамп не.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа