Почна собраниската седница на која ќе се расправа за Буџетот

Макеоднското  Собрание денеска ја продолжи расправата  за Дополнетиот предлог буџет за 2014 година.  Според пратениците од владејачкото мнозинство буџетот за следната година е развоен со висок износ на капитални инвестиции, пари за плати, пензии, исплата на субвенции... За опозициските пратеници, пак, со буџетот нема конкретни проекти од кои ќе се подобри стандардот на граѓаните.   

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека во 2013 година се евидентни позитивните ефекти од економските политики и мерки што се спроведуваат во државата со оглед дека е постигнат просечен раст на економијата од 3,4 проценти. Со тоа, посочи, се покажале неосновани минатогодишните оспорувања од опозицијата на проекциите за овогодишниот  Буџет. Во текот на 2013 првпат во второто тримесечие имаме раст на индустриското производство, наведе Кузмановска.

Особено значајно, според неа, е што буџетот за 2014, е развоен и со него се планирани капитални инвестици за 20 проценти повеќе во однос на лани. Важно е што и понатаму ќе има вложувања во технолошко индустриските развојни зони, затоа што привлекувањето странски инвестиции значи отворање нови работни места и намалување на невработеноста од 38 проценти на 28 проценти.

Кузмановска нагласи дека со буџетот за следната година се значајни планираните инвестиции од околу 900 милиони евра за изградбата на нови автопатишта. - Буџетот е поставен на широка основа и со него се опфатени потребите на сите граѓани, наведе Кузмановска, посочувајќи дека како резултат на економските политики само во Битола веќе има  900 нови работни места.

Во реплика Менде Диневски од СДСМ ги критикуваше политиките на власта во намалување на невработеноста вклучително и во Битола и истакна оти поради собранискиот Деловник граѓаните не можеле да слушнат за голем број од амандманите за буџетот поднесени од опозицијата.

На обраќањето на Кузмановска реплицираше и Николче Ацевски од НСДП, посочувајќи дека во Битола се невработени 9.000 лица, а имало само 900 нови вработувања. - Каде се останатите луѓе и зошто во буџетот не се предвидени пари за попис, праша Ацевски, укажувајќи на значењето на пописот и потребата од негово спроевдување.

Неговиот сопартиец Горан Мисовски истакна дека наспроти тврдењата на Кузмановска во Македонија се живее во сиромаштија за што било доказ заминувањето во странство на голем број жители. - Зошто само во 2012 година 6.500 граѓани од Македонија побарале  бугарско државјанство, а 59.000 лица веќе зеле бугарски пасош. Луѓето бегаат од сиромаштија и не можат да поднесат веќе наспроти силната кампања од Владата, наведе Мисовски.

Со оценка дека буџетот за следната година е развоен е и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија. Таа истакна дека буџетот има се повеќе развојна компонента, насочен кон инфраструктурни и енергетски проекти, и е со поинаква структура од претходните буџети. Предвидени се зголемувања на платите, пензиите, субвенциите во земјоделството, капиталните инвестиции, наведе Авировиќ истакнувајќи дека 3,4 милијарда денари се предвидени за инвестциии за патна и железничка инфраструктура во реални и издржани проекти. Во изразено тешка економска состојба и опкружување, според Авировиќ, Македонија остварува економски раст и успева да се одржи на стабилно ниво. Тоа го постогнува во време кога е многу тешко да се најдат инвеститори, да се најдат поволни кредити, да се задржат позитивните економски перформанси.

Цветанка Иванова од СДСМ во реплика ја спореше тезата на Авировиќ за ефектите од економските политики на Владата. Повикувајќи се на извештај на „Економист“, Иванова рече дека Авировиќ воопшто не ги спомнала податоците според кои „75 проценти од граѓаните во Македонија со тешкотии обезбедуваат храна и домување, над 30 проценти живеат на работа на сиромаштијата, а 50 проценти сметаат дека Владата го троши буџетот за непродуктивни цели“.  

Според Самка Ибраимовски од ПЦЕР, неприфатливи се ставовите дека буџетот е развоен затоа што за таква квалификација со него треба да бидат предвидени најмалку 25 проценти за капитални инвестиции.

Во тек е пауза на барање на пратеничката група на ДПА. Расправата ќе продолжи во 15 часот по истекот и на редовната пауза.

17.12.2013 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа