Советот за општи работи на ЕУ денеска одлучува за Македонија

 

Во Брисел денеска ќе се одржи состанок на Советот за општи работи на кој министерите на членките на ЕУ ќе одлучат каков заклучок ќе добие Република Македонија што ќе биде изгласан на Самитот на Европскиот совет в четврток и петок.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, она што сигурно се знае е дека шефовите на дипломатиите и по петти пат едноподруго ќе ја одбијат препораката на Европската комисија за доделување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Според последните драфт-заклучоци договорени на ниво на амбасадори во ЕУ во рамки на т.н. „КОРЕПЕР“- група, што минатата недела го објави МИА, за земјата се препорачува „Европскиот совет да се врати на препораката за отворање на преговорите со Македонија на следниот Самит во јуни 2014 година”.

- Советот силно ја дели проценката на Еврокомисијата дека политичките критериуми продолжува доволно да се исполнуваат и ја нотира препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија. Со цел можна одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со БЈР Македонија, Советот ќе се врати на прашањето во 2014 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за понатамошното имплементирање на реформите во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително и имплементација на политичкиот договор од 1 Март и суштинските чекори за промовирање на добрососедски односи и да постигне спогодбено и взаемно прифатливо решение за прашањето за името, се наведува во клучниот предлог-заклучок на Советот за нашата земја.

Како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и заклучоците на Советот за општи работи и Советот за надворешни во декември во 2008 година, одржување на добрососедски односи, вклучувајќи договорно и заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации - останува од суштинско значење. Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок, без одлагање. Советот ги зема предвид последните контакти со посредникот на ОН, а во светлината на целокупната важност за одржување на добрососедски односи, Советот го забележува продолжувањето на контактите на високо ниво меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати, се вели во овој предлог-заклучок.

Посебно внимание треба да се посвети на владеењето на правото, вклучувајќи ја и независноста на судството и постигнување на понатамошни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Слободата на изразување и општата состојба на медиумите, исто така остануваат прашања од интерес. Преглед на Охридскиот рамковен договор, пак е особено важен за меѓуетничките односи и тоа мора да се заврши и неговите препораки да се спроведат. Стратегијата за Ромите треба проактивно да се имплементира. Замаглувањето на дистинкцијата меѓу државата и партијата треба да се реши, како што е нагласено од страна на ОБСЕ/ОДИХР во изборниот контекст. Високате стапка на невработеност треба да се реши, а управувањето со јавните финансии да се зајакне, се вели во овој предлог-заклучок.

Според МИА, она што е сигурно е дека земјата нема да добие датум за преговори, но можно е да се даде посилен патоказ, иако Грција и Бугарија инсистираат на пожестоки услови со цел земјата да нема брз евроинтегративен напредок.

17.12.2013 - 10:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега