Четири намирници кои се најголемиот непријател на долговечноста
Истражувачот Ден Бутнер поминал повеќе од 20 години проучувајќи ги навиките на луѓето кои живеат до 100 или повеќе години, особено нивните навики во исхраната. Така, во еден оддалечен дел во Костарика, една од сините зони, го нашол најздравиот појадок на светот.
Во неодамнешната објава на „Инстаграм“, Бутнер сподели четири намирници кои се најголемиот непријател на долговечноста.
Слатки напитоци
Иако технички не е храна, засладените пијалоци се на врвот на листата.
„Засладените пијалоци се најголемиот извор на рафиниран шеќер“, рече тој.
Големите количини шеќер придонесуваат за зголемување на телесната тежина, предизвикуваат воспаление и го зголемуваат ризикот од дијабетес и висок крвен притисок. Сето ова е поврзано со зголемен ризик од срцев и мозочен удар.
Сланина и колбаси
Преработеното месо, она што се создава со сушење, солење, пушење или конзервирање, се исто така на листата на Буетнер. Тука спаѓаат сланина, колбаси, но и шунки и салама.
„Овие видови месо се канцерогени“, посочи тој.
Бутнер не е единствениот што предупредува на ова. Студиите открија врска помеѓу консумирањето преработено месо и ризикот од рак на дебелото црево. Исто така, една студија на Универзитетот во Берген во Норвешка покажа дека откажувањето од преработеното месо и газираните пијалоци може да го зголеми нашиот животен век.
Слатки
Трети на листата на Ден се слатките полни со масти и шеќер. Извештаите ја поврзуваат ултра-обработената храна со зголемен ризик од болести, вклучувајќи дебелина, срцев удар, мозочен удар, рак, дијабетес тип 2 и деменција.
Чипс и солени грицки
„Солените грицки се на последно место. Тие најмногу се поврзуваат со дебелината“, продолжи Бутнер.
Истражувањата покажаа дека високите дози на сол во вашата исхрана може да го зголемат ризикот од дијабетес тип 2 и висок крвен притисок.
Ако сакате да грицкате како стогодишник, јаткастите плодови се вистинскиот начин. Изберете микс од бадеми, кикиритки, индиски ореви и ореви и придржувајте се до два мали грстчиња на ден.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа