Бислимоски: Цената на струјата за домаќинствата ќе ја кажува универзалниот снабдувач - ЕВН хоум
Новата одлука за цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја објави Универзалниот снабдувач - ЕВН хоум, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕР) ќе направи проверка дали е соодветно пресметана.
-Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука во декември ќе стартува да ја применува ЕУ практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти Универзалниот снабдувач - ЕВН хоум, изјави денеска за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.
Ниту едно регулаторно тело, вели Бислимовски, не ја кажува крајната цена, освен во Србија, можеби и Косово.
-Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи, објаснува Бислимоски.
Како што изјави вчера, ќе нема промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
- Блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски во ТВ гостување.
Според него, намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, посочи тој, имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа