Борел: Предолго го отфрлавме палестинското прашање, како да не постои
Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел денеска изјави дека меѓународната заедница предолго го отфрлала палестинското прашање, како да не постои.
„Премногу се обидовме да го отфрлиме палестинското прашање како веќе да не постои и самото ќе се реши. Влегуваме во нова фаза од стогодишната војна меѓу Израел и Палестинците. Ова може да биде многу опасно за глобалниот мир и меѓународната заедница мора да се мобилизира за да избегне такво сценарио“, рече Борел.
Тој посочи дека меѓународната заедница не успеала ефективно да го спроведе договорот од Осло, кој постои три децении.
„Од Осло, бројот на израелски доселеници се зголеми тројно на окупираните територии, додека евентуална палестинска држава повторно е исцедена во лавиринт од територии кои се исклучени. Секојдневно повикуваме на решение со две држави, но како што ме праша палестинскиот претставник за време на Генералното собрание на ОН: ‘Покрај тоа што повикувате на тоа, што правите вие за тоа решение да стане реалност?’, истакна Борел.
Тој изјави дека мирот нема да дојде сам по себе, туку мора да се изгради.
„Најтешките одлуки секогаш се носат на работ од бездната. И сега сме таму. Решението со две држави останува единственото остварливо. Целата политичка енергија мора да ја вложиме во остварување на целта“, рече Борел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа