(ВИДЕО) Бајден: Одобривме „невиден“ пакет помош за Израел - нема да стоиме настрана

 

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека Соединетите Американски Држави ќе направат се за безбедноста на Израел, во завршниот збор при посетата преку која изрази поддршка на Израел по смртоносниот напад на Хамас. Бајден ги повика Израелците да не подлегнуваат на гневот, велејќи дека огромното мнозинство Палестинци не се поврзани со Хамас.

Палестинскиот народ исто така страда, додаде тој. Во изјавата по состанокот со израелските лидери, Бајден рече дека ќе работи со Конгресот за да го одобри досега „невиден“ пакет помош. Во алузија на нацистичкиот холокауст за време на Втората светска војна, тој му порача на Израел дека има поддршка од неговите пријатели.

„Нема да стоиме на страна и да не правиме ништо повеќе. Ниту денес, ниту утре, ниту никогаш повеќе“, рече тој.

САД го повикаа Израел да дозволи хуманитарна помош во Газа. Израел по тоа најави дека нема да дозволи да влезе хуманитарна помош во Газа од Израел, но дека нема да ја спречи помошта од Египет.

Претходно, Бајден рече дека му поставил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кој се сретна во Тел Авив, тешки прашања и дека разговарале за хуманитарните потреби, безбедносната помош и информациите за Американците по кои се трага.

„Како пријател на Израел, ги поставив тешките прашања. Ќе продолжиме да водиме политика на одвраќање на секој актер кој би сакал да го прошири конфликтот“, напиша Бајден во објавата на социјалната мрежа Х.

18.10.2023 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега