Фрлени „молотови коктели“ врз синагога во Берлин: „Сите сме шокирани, семејствата се загрижени“
Синагога во Берлин утрово беше нападната со „молотови коктели“ во време кога во главниот град на Германија се зголемуваат антисемитските инциденти и по ескалацијата на насилството на Блискиот Исток.
Еврејската заедница соопшти дека нејзината синагога во градската населба Мите била нападната со две запаливи направи, а полицијата го потврдила инцидентот, пренесува АП.
„Непознати лица фрлиле два ‘молотови коктел’ од улица“, соопштија од Еврејската заедница на платформата „Икс“ („Твитер“).
Утрово, десетици полицајци вршеа увид пред синагогата, а целата улица на која се наоѓа зградата беше оградена и блокирана за сообраќај.
Еврејската организација во Германија соопшти дека во овој инцидент се вмешани две лица, но не соопштуваат повеќе детали.
„Сите сме шокирани од овој терористички напад. Пред сè, шокирани и загрижени се семејствата од соседството околу синагогата. Зборовите стануваат дела. Идеологијата на Хамас за истребување против сè што е еврејско станува ефективна и во Германија“, се вели во соопштението на Централниот совет на Евреите во Германија.
Во комплексот згради на еврејската заедница во центарот на Берлин се сместени синагога, детска градинка, училиште и центар на заедницата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа