Истражувачка конференција на НБ: Оптимална комбинација на политиките за ниска инфлација и забрзан раст за Западен Балкан
Враќањето на инфлацијата на историски ниските стапки останува приоритет за централните банки. Со правилна комбинација на политиките, економиите од Западен Балкан можат да обезбедат ниска инфлација и долгорочно забрзување на конвергенцијата на регионот кон ЕУ. За справување со инфлацијата, треба да се задржи цврстата монетарна позиција, со поддршка од фискалната политика. За ценовната стабилност важна е и финансиската стабилност и затоа неопходно е нејзино натамошно јакнење. За забрзување на растот, клучни се структурните политики, кои треба да ја подобрат инвестициската клима преку зајакнување на владеењето на институциите и правото, инвестиции во човечки капитал и справување со климатските промени. Ова се дел од пораките дадени при отворањето на 9. Меѓународна истражувачка конференција, во организација на Народната банка, во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, која се одржува денеска во Скопје.
Еден од клучните предизвици останува инфлацијата, која иако забавува, сѐ уште се одржува над целното ниво, што се очекува кај 90% од економиите и наредната година. Оттаму, водењето на претпазлива монетарна политика со цел намалување на инфлациските притисоци на трајна основа е приоритет на централните банки, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Затегнатата монетарна политика може неповолно да се одрази на закрепнувањето на економиите, но и да создаде ризици за финансискиот систем, како што и се случи во САД. Овие случувања во банкарскиот систем во САД не се пренесоа во Европа. „Банкарските системи во Регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ), вклучително и Регионот на Западен Балкан, досега добро се справуваат со кризата. Според последните податоци, стапката на адекватност на капиталот во Регионот е 20% во просек, додека стапката на ликвидност изнесува близу 27%. Квалитетот на кредитните портфолија останува солиден, при што нефункционалните кредити во просек се под 4%, односно пониски во однос на претпандемичните нивоа“, рече во обраќањето Ангеловска-Бежоска. Сепак, неопходно е натамошно јакнење на отпорноста на банкарските системи, што ќе овозможи поголем простор за реакција на монетарната политика без неповолни ефекти врз финансиската стабилност. Исто така, не помалку важно е земјите да располагаат со солидна регулаторна рамка и инструменти за одржување на финансиската стабилност, посочи во своето воведно обраќање гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето воведно обраќање посочи дека Народната банка со своите политики придонесе кон зачувување на макроекономската стабилност на државата. Како резултат геополитичките и геоекономските ризици, неопходни се реформи во виталните државни сегменти клучни за економскиот развој, посочи претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека одливот на човечкиот капитал, особено на млади и стручни кадри, е најгорливиот проблем со кој се соочува Регионот.
„Во услови на нестабилно надворешно опкружување и сѐ повисоки ценовни притисоци, особено поради војната во Украина, нашата Народна банка, по примерот на Европската централна банка, започна да ја приспособува својата монетарна политика. Притоа, факт е дека правилната монетарна политика придонесе да се зачува макроекономската стабилност на државата и делумно да се заузда растечката инфлација“, посочи во своето обраќање претседателот. „Неопходни се реформи во виталните сегменти коишто се клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, приспособување на образованието според барањата на пазарот на трудот и отворање квалитетни работни места. Верувам дека тоа најдобро можеме да го постигнеме преку засилени реформи и забрзана интеграција во Европската Унија“, порача претседателот Пендаровски.
Директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер ја истакна важноста на политиките за да се забрза економскиот раст во Регионот, како и да се надмине кризата со инфлацијата. „Ако треба да пренесам една клучна порака до вас, тоа е дека политиките се важни. Со правилен избор на различни политики, економиите од Западен Балкан можат да обезбедат ниска инфлација и зголемена долгорочна траекторија на раст“, порача Камер, истакнувајќи го значењето на структурните реформи за да подобри економскиот потенцијал на Регионот. Во однос на задржување на макроекономската стабилност, тој посочи дека не треба прерано да се олабавува монетарната политика, затоа што тоа може да доведе до големи последици, како и дека фискалната политика треба да ја поддржи монетарната.
Марк Узан, извршниот директор на Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, посочи дека сме сведоци на многу структурни промени во однос на понудата на работна сила, враќањето на производството на мултинационалните компании во нивната домицилна земја, новата глобална трговија, геополитичките тензии и „зазеленувањето“ на глобалната економија, коишто ќе бидат актуелни и во следниот период. Узан нагласи дека со ова се отвора прашањето дали се оди кон новата макроекономска „нормала“, каде што затегнатите финансиски услови ќе опстојат подолг период.
Првата панел-дискусија на Конференцијата беше посветена на идните макроекономски политики, на која дискутираа главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, кој беше и модератор на панел-дискусијата, гувернерите на централните банки на Словенија и на Хрватска, Боштјан Васле и Борис Вујчиќ, членот на Одборот на Централната банка на Швајцарија, Петра Герлах и вицегувернерот на централната банка на Белгија, Стивен Ванакер. На панел-дискусијата беше посочено дека иако инфлацијата се намалува од крајот на 2022 година, во многу земји таа е над целите на централната банка. Зголемените цени на нафтата ја забавија дезинфлацијата и се причина за загриженост. Кога ценовната стабилност е загрозена, важно е монетарната политика да реагира брзо и решително, да ги задржи истите инфлациски очекувања и да спречи опстојување на инфлацијата. Беше истакнато и дека финансискиот систем во ЕУ досега добро ја издржува монетарната затегнатост, но и дека властите треба да останат внимателни и да ги следат ризиците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа