Димовски: Политиката да не се меша во земјоделството

 

Политиката да не се меша во тутунопроизводството зашто од тоа најголема штета имаат тутунопроизводителите, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Одговорајќи на новинарски прашања по научниот собир за пчеларство на Факултетот за земјоделски науки и храна, Димовски напомена дека проценката на тутунот годинава е согласно законот, правилата и мострите прифатени од двете страни, производителите и откупувачите. Нема никаков сомнеж дека договорените количини за откуп ќе бидат исплатени зашто сите десет компании лиценцирани за оваа дејност имаат банкарски гаранции за обезбедени финансиски средства.

- Политиката треба да остане надвор од земјоделството. Некој што нема појма ниту од производство на краставици, да не ги плетка луѓето на откупувачките пунктови во дезинформирање, шпекулирање и замајување. Од сите тие игри најголема штета ќе имаат производителите на тутн, нагласи министерот и уште еднаш потенцира дека не пости опасност од неисплата на тутунот.

Откупните компании годинава, за разлика од лани, применуваат, објасни, проценка на тутунот по т.н. тврда линија. Ако одредена количина во однос на квалитетот е меѓу втора и трета класа, откупувачите ја ценат како трета.

Министерот апелира, тутунарите, ако не се задоволни од проценката, да побараат нова преку Второстепената комисија составена од претставници на откупувачите, Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите и Државниот инспекторат за земјоделство.

- Не треба да постои сомнение дека Министерството во целост ќе ги штити интересите на тутунарите. Нашата крајна цел е подигнување на просечната откупна цена која моментно е 10 отсто пониска од овој период лани. Сакаме да се задржи или, уште подобро, да се забрза динамиката на откуп,  да се зголеми просечната откупна цена и откупот да се врши регуларно, без тензии и нервози, како претходните години, посочи Димовски.

Утре е крајниот рок кога сите комании треба да се вклучат во откупот на тутнот. Договорени се 35 милиони килограми за откуп, а производството се проценува на 30 милиони килограми. Тоа, истакна Димовски, не значи дека ќе има недостиг зашто често дел од производството не е регистрирано и покрај строгата контрола на потпишаните договори.

Министерот не сакаше да шпекулира колку ќе достигне годинашната просечна цена зашто тоа, рече, може да се разбере погрешно и да стане предмет на политички игри. Лани просечната откупна цена беше 180 денари. Потсети дека ако на еден откупен центар има 30 оспорувања на проценката, автоматски се изрекува казна, се затвора пунктот и се поднесуваат прекрошни постапки.

Димовски подвлече дека Законот за тутун е прецизен и е во насока на заштитата на интересите на производителите.

14.12.2013 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега