Бектеши: Трговците ја почитуваат одлуката за поевтинување на основните прехранбени производи

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се почитува владината одлука од страна на трговците во врска со поевтинувањето на основните прехранбени производи за најмалку десет отсто. Од следната недела треба да се намали и цената на пијалоците за минимум десет проценти.

 

Инспекциски контроли ќе има до крајот на ноември, а секоја нерегуларност, граѓаните ќе можат да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

 

Повеќе од задоволен сум од тоа што вчера се случуваше во секторот трговија, посебно од компаниите и сите ланци маркети, но и од производителите и дистрибутерите. До денешниот ден, пред оваа посета, добивме неколку писма од наши производители, генерално на минерална вода, сокови и на светло пиво, кои од наредната недела ќе почнат со намалување на цените од минимум десет отсто, намалување директно од страна на производителите, имајќи предвид дека немаме намера да донесеме некое ограничување во делот на ланците супермаркети, зашто генерално годинава главниот товар беше врз нив, а гледаме дека одредени супермаркети ги зголемуваат платите, а тоа се пресликува и со денешната објава на Заводот за статстика, дека е зголемена просечната плата за 14,1 отсто во споредба со јули лани, изјави Бектеши по посетата на логистичкиот центар на „КАМ“ маркет во општина Илинден.

 

Според менаџментот на „КАМ“, пресметките се уште не се направени, но добивката, по поевтинувањето на дел од производите, секако ќе се намали.

 

Ситуацијата е таква, мораме да се соочиме со тешкиот момент во државата. Ние живееме и постоиме за да ги намалиме цените, нам секоја цена која ќе ја ставиме на рафт од 99 на 100 денари ни е голем пораз. Ние и без мерките, правиме максимални напори. Има моменти кога мора да се надминеме себе си. Потребни се подолгорочни мерки во целото стопанство за да бидеме сите поефикасни, истакнаа од менаџментот.

 

21.09.2023 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега