Од пчеларството во Македонија може да се живее

 

Производството на мед во Македонија не е на посакуваното ниво, нема доволно количини за задоволување на основните потреби, а потфрла и квалитетот. Како што беше речено на денешниот научен собир на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), пчеларството треба да се земе предвид многу сериозно со оглед на неговата економска, стопанска важност.

Домашните производители се релативно организирани и имаат солидни познавања, но се соочуваат со проблеми главно од технички аспект.

- Пчеларството е сериозен бизнис од кој може добро да се живее. Во Македонија има сериозни производители на кои пчеларството им е семеен бизнис. Тие треба да бидат пример за сите што сакаат да се занимаваат со оваа дејност, истакна деканот на ФЗНХ Драги Димитроевски.

Според него, и македонските пчелари ги почувствуваа последиците од глобалното, се поинтензивно користење хемиски средства за заштита на растенијата и за сузбивање на пчелните болести, од контаминираниот нектар и полен и алтернативна прихрана.

- Поради интензивното лечење на пчелите, се поголема е можноста за добивање пчелни производи со резидуи од недозволени хемиски средства, посоли Димитриевски.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, за подобрување на состојбата во пчеларството кај нас, неопходно е користење контролиран и селектриан репроматеријал, матици и роеви, организирано системско засадување медоносни растенија, едногодишни и повеќегодишни кои цветаат во т.н. безпашни периоди заради континуирано обезбедување нектар, како и интензивирање на селидбеното пчеларење.

- Проблемите во пчеларството се, пред се, од техничка природа и релативно лесно ќе се надминат. Заболувањето на пчелите е инцидентно, ветеринарните служби редовно вршат контроли што наидува на недоразбирања и несогласувања кај пчелраите, но и тоа ќе се надмине, рече Димовски.

Загрижуваат, напомена, извршените контроли на Агенцијата за храна кои покажаа дека медот што се продава на одредени патни прваци не соодветствува на називот зашто содржи елементи кои не се производ на пчелите.

Димовски сугерираше и на потребата од подобра соработка меѓу пчеларите и производителите на земјоделски култури во однос на навременото известување за третирањето со пестициди, како и на нужноста од поголема професионалност во пчеларењето што може да се постигне, нагласи, со интензивна едукација особено во делот на расипувањето на квалитетот на медот низ различните фази од неговото добивање и чување.

Во Македонија е застапена автохтоната медоносна пчела која е посебно заштитена со Законот за сточарство.

Министерството за земјоделство донесе Програма за одгледување добиток од 2011 до 2020 година со која е опфатено и пчеларството. Главна цел е подобрување на биолошките и производните карактеристики на автохтоната медоносна пчела. Се води и регистар на одгледувалишта за пчелни матици. Моменто, единствено регистрирано за производство и промет со селектирани пчелни матици е пчеларското здружение „Еко пчела“ од Скопје.

Минатата година за пчелратсвото беа исплатени 85 милиони денари државна поддршка. Годинава за пчеларите со најмалку 35 пчелни семејства се предвидени по 600 денари (за преизмено пчелно семејство). Во делот на органското производство оваа мерка е 30 отсто повисока. И од програмата за рурален развој, со кофинансирање, се поддржува набавка на пчелни матици од регистрирано одгледувалиште.

Останува законската обврска Министерството да изготви катастар на пчелната паша.

На денешниот собир што го организира Факултетот за земјоделство учествуваа повеќе од 200 пчелари. 

14.12.2013 - 12:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа