(ВИДЕО) Пензионер до министрите: „Ќе Ви ја дадам мојата пензија од 12.000 денари на еден месец, Вие дадете ми ја Вашата плата“
Пензионерите од Свети Николе денеска повторно излегоа на протест на кој го повторија своето барање - линеарното зголемување на пензиите на 3.500 денари. Во изјава за медиумите, пензионер им предложи на министрите барем за еден месец да си ги заменат платите, односно тој да им ја даде неговата од 12.000 денари, а министерската покачена плата од 78% да ја добие тој.
„Со 12.000 денари ако може да живеат они луѓе, ќе се смениме еден месец. Нивната плата нека ни ја дадат нас, а јас ќе му ја дадам мојата пензија. Доживотно ќе му ја дадам, со 12.000 нека живее. 5.000 денари имам само за лекови, 7.000 денари имам давачки, вода, струја, телефон, се имам. Па нека пробаат да живеат тие со оваа плата“, кажа пензионерот во изјава за медиумите.
Друга пензионерка, пак исто така повтори дека не може да се преживее со пензија од 12.500 денари.
„Она зема плати за 10 фамилии“, и порача пензионерката на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Денеска од Министерството за труд и социјална политика пак известија дека се враќа праксата на редовно исплаќање на пензиите, односно дека се укинува нивното предвремено исплаќање - мерка која беше воспоставена поради пандемијата со Ковид-19.
„За време на траење на пандемијата, во соработка со деловните банки, се вршеше предвремена етапна исплата на пензиите во четири групи, како дел од препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот кај пензионерите како најранлива возрасна група, а со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје. Поради завршувањето на пандемијата, деловните банки преку Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, со тоа што пензиите ќе се исплаќаат на 1-ви во месецот директно од буџетот на државата“, се вели во соопштението на МТСП.
За потсетување, денеска и прилепските пензионери со велосипеди ги блокираа улиците, повторувајќи го истото барање до надлежните - линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа