Одбележан Денот на македонските студенти

Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ денеска го одбележа Денот на македонските студенти. 

Претседателот на студентската организација на најголемиот и најстар универзитет во Македонија Кирил Спировски во обраќањето на свечената академија ги наброи реализираните проекти и рече дека очекува и наредната година да биде успешна за СПУКМ.

- 2014-та е година во која очекуваме да ги реновирате студентските домови, рече Спировски обраќајќи му се на заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири, потсетувајќи на ветувањето на МОН дека во 2014-та ќе се реновираат голем дел од домовите за студенти во државата.

На присутните на академијата заменик-министерот Незири им порача дека тие се иднината и локомотивата на државата и поради тоа, како што рече, Владата и МОН се горди на нив и затоа се големиот број реформи во високото образование - намалена партиципација, отворање нови факултети, преведена стручна литература и лаборатории за истражувања, транспарентност во доделувањето студентски легла и зголемени можности за стипендирање.

- Целта е вие да ги продолжите студиите и во втор и во трет циклус и на вас да бидат горди родителите, професорите и државата... Вие не смеете да бидете молчаливи, секогаш треба да го кажете тоа што го мислите, затоа што вашата мисла е гордост за сите, рече Незири. 

Денот се одбележува на 11 декември во сеќавање на македонските студенти кои пред 75 години кренале глас за слободна Македонија. 

13.12.2013 - 14:36
Фото: 
локално

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега