Единствена Македонија до власта: Единствено правилно решение за пензионерите е линеарното зголемување на пензиите

 

„Веднаш да кажам дека Единствена Македонија ги подржува барањата на пензионерите за линеарно зголемување на пензиите наместо досегашното процентуално зголемување“, изјави на денешната прес-конференција Панче Жежовски, претседател на Унијата на ветерани на Единствена Македонија.

Тој кажа дека го поддржуваат зголемувањето на пензиите од повеќе причини, меѓу кои наведе дека процентуалното зголемување на пензиите е во корист само на мала група пензионери со високи пензии, а на штета на најголемиот број пензионери во државата.

„Колку за илустрација: Доколку, пензиите се зголемат процентуално за 6 отсто, на пример, тие со 40.000 денари пензија ќе добијат зголемување од 2.400 денари а тие со 10.000 денари пензија ќе добијат зголемување од 600 денари. Затоа, исправно е само линеарното зголемување на пензиите со кое, доколку, на пример, пензиите се зголемат за 3.000 денари, тогаш сите пензионери да добијат по 3.000 денари. При одењето во пензија еднаш веќе му е вреднуван минатиот труд на секој пензионер со што некој заминува во пензија со 50.000 денари, а некој со 15.000 денари пензија бидејќи на висината на пензијата влијае работниот стаж и висината на уплатените придонеси. И овие разлики во пензиите не се спорни. Меѓутоа, откако ќе се замине во пензија, тогаш сите се еднакви, односно, без разлика дали некој бил функционер, професор, судија, службеник, работник, земјоделец, сите се исти и имаат статус на пензионер, односно во мирување и работно се неактивни. Затоа, после пензионирање, покачувањето на пензиите треба да биде линеарно и сумата на пари што се предвидува за покачување на пензиите да се распоредува еднакво ма сите пензионери“, изјави Жежовски.

„Единствена Македонија очекува да проработи совеста на власта и да направи потребни измени во регулативата со што пензиите во иднина ќе се покачуваат линеарно во корист на сите пензионери. Ова е посебно важно во ова тешко време на постојано зголемување на цените да им се обезбеди достоен живот на пензионерите. Пензионерите имаат право и заслужуваат да живеат, а не да преживуваат“, додаде тој.

10.08.2023 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега