Македонските попови се враќаат на Facebook

Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, одлучи да ја ревидира одлуката со која на владиците, свештенството и на монаштвото им го забрани користењето на социјалната мрежа Фејсбук. Забраната која ја дадоа на една од седниците што се одржаа во септември не е целосно укината, туку само привремено замрзната, бидејќи прецизирањето на начините како, за кои теми и во кои прилики ќе може да се користи оваа социјална мрежа ќе се случи на една од седниците следната година. 
- Во иднина ќе бидат дефинирани и ќе се допрецизираат начините на кои ќе може да се користи оваа социјална мрежа со оглед на реакциите кои се појавија во јавноста откако беше донесена одлуката, изјави секретарот на Синодот, епископот Хераклејски Климент, по седницата. 
Како што веќе информиравме, иницијатор за забраната за користење на социјалната мрежа Фејсбук беше митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар со поддршка на повозрасните членови на Синодот. Тие сметаат дека комуникацијата со верниците треба да се случува во верски храм, бидејќи на интернет честопати се изнесуваат лични ставови кои некогаш добиваат и политичка димензија или, пак, ставови кои можат да се злоупотребат и да го нарушат угледот на свештеникот. На оваа одлука се спротивставија помладите владици кои не ја почитуваа цензурата и не само што не ги избришаа профилите, туку и натаму беа активни на оваа социјалната мрежа.

Нивниот став е дека модерната технологија треба да се искористи за афирмирање на активностите и за воспоставување на контакт со верниците. 
- Интернетот и социјалните мрежи денеска се најмоќни медиуми, овозможуваат и најбрз начин на комуникација. Се разбира дека како и секое орудие што го измислил човекот, така и ова може да се употреби и да се злоупотреби. Но, се додека се користи за координација, за контакти со луѓе, мислам на разумно користење, тоа е одлична алатка. Да не се дозволи да стане страст која би владеела со нас, изјави за Вечер, веднаш по забраната, најактивниот на Фејсбук, Европскиот владика Пимен. Тој смета дека е сосема нормално што неговите повозрасни колеги се поконзервативни и противници на овој начин на комуникација, но тврди дека е само прашање на време кога и самите ќе почнат да го користат.

Неговите предвидувања се случија само неколку месеци подоцна кога Синодот, по жестоките критики од јавноста, одлучија да ретерираат и првичната одлука за забрана за користење на Фејсбук за македонските свештеници да ја замрзнат.

Македонските владици на вчерашната седница, ги анализирале и епархиските активности за оваа 2013 година. Констатирале дека на последната седница за годинава, 2013 била уште една добра година во поглед на духовната грижа за верниците. Не станало збор за работата на Австралиско-новозеландската епархија ниту за назначување на владиката Пимен за нов администратор на оваа епархија.

13.12.2013 - 00:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега