Вељаноски-Мета: Македонија и Албанија да ги продлабочат добрососедските односи

Пораки за продлабочување на пријателските и доброседските односи, надминување на заедничките предизвици и економска соработка, упатија претседателите на парламентите на Македонија и на Албанија, Трајко Вељаноски и Илир Мета кои денеска се сретнаа во Тирана. 

Денешните средби во Тирана како и неговото обраќање пред пред пратениците во албанскиот Парламент во месец кога се одбележува 20 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Македонија и Албанија, за Вељаноски се највисок израз на почит кон него и кон Република Македонија од страна на Албанија и на албанскиот народ, пренесува МИА.

- Ова е одлична можност да изрaзиме поддршка за продолжување на позитивниот однос  кој го градиме, да продолжиме да ги споделуваме меѓусебните успеси, да бидеме пример за европски добрососедски држави, да ги надминеме сите предизвици, рече Вељаноски прес-конференцијата во Парламентот во Тирана.

Тој му го честиташе на Мета најавениот кандидатски статус за членство во ЕУ и истакна дека Македонија ја поддржува Албанија во евроинтеграциите. 

Мета истакна дека со особен приоритет гледаат на односите меѓу двете земји и дека ги поддржуваат напорите на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ.

Во врска со тоа дали Албанија размислува наскоро да ја признае Македонија под уставното име, Мета рече ставот на Тирана по ова прашање е јасен.

– Да беше во можност Албанија, досега Македонија ќе беше членка на НАТО, не можам да кажам и на ЕУ бидејќи и ние не сме дел од Унијата. Македонија ја ужива целата поддршка од Албанија, почитување на суверенитетот како независна држава и демократска земја, изјави Мета.

Вељаноски, зборувајќи за атмосферата која ја предизвика поставувањето на споменикот на Цар Душан во центарот на Скопје, истакна дека меѓуетничките односи не треба да се оценуваат врз основа на една постапка. Тој потенцираше дека припадниците на албанската етничка заедница и на другите заедници соодветно се третирани во Република Македонија.

Според Мета, пак, улогата на албанскиот фактор во Македонија е многу битна за стабилноста и за интегрирањето на Македонија, за зајакнување на соживотот и хармонијата.

– Верувам дека цеосното имлементирање на Рамковиот договор ќе помогне повеќе за ова, рече Мета.

Најави дека ќе ги посети Македонците во Пустец и оти со нив ќе разговара за нивните проекти и уверува дека новиот закон за територијална поделба на земјата нема да влијае на застапеноста на припадниците на етничките заедници во Албанија.

- Една од нашите цели е реформа на теритоијалната поделба. Постоечката е многу стара и нефункционална и тоа го отежнува нашето привлекување инвестиции од регионален аспект. Нашата цел е приближување кон европските стандарди за територијална организација и за неа ќе побараме помош од ЕУ. На ниту еден начин нема да се повреди застапеноста на малцинствата во Албанија, изјави Мета.

Вељаноски вечерва ќе присуствува на приемот што го организира македонската амбасада по повод 20 години од воспоставување на македонско-албанските дипломатски односи.

12.12.2013 - 13:24
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега