Децата нема да знаат што е шлајка - се забрануваат џамлиите во Македонија

Децата повеќе нема од најрана возраст да знаат што е „шлајка“ или што е „коњак“ во играта со џамлии, бидејќи Државниот пазарен инспекторат ги оцени како небезбедни и ја забрани нивната продажба.

Во последната координирана инспекциска акција биле отстранети повеќе небезбедни детски играчки и детска облека. Џамлиите се нашле меѓу небезбедните производи поради опасноста од тоа децата да ги проголтаат.

- Овие производи не го поминуваат тестот на безбедноста бидејќи се помали од 31 мм, најмалата дозволена мерка за делче од играчка. Најголем дел од увозниците на играчки веќе знаат, па џамлии не можете да најдете во големите продавници за играчки, вели Фатмир Шехи, инспектор од Државниот пазарен инспекторат во изјава која ја пренесува Телеграф.

Во последната координирана инспекциска акција на Државниот пазарен инспекторат, санитарниот и инспекторатот за труд, инспекторот Шехи издал решение за повлекување на 4 производи што се небезбедни, а еден производ ќе го предложи за испитување на Санитарниот инспекторат поради тешката и силна миризба на лимон.

- Проблемот кај нас е што немаме соодветна лабораториска контрола на физичкиот и механичкиот состав на играчките каде што ќе може да се испита секој поединечен дел, дали постои опасност од откачување, со колкава сила може тоа да се направи и за колку време, вели Шехи, пренесува Телеграф.

12.12.2013 - 11:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега