Половина од младите во Грција, Шпанија и Португалија се невработени

Нема противречност меѓу мерките за обезбедување економски раст и стабилност и заштита и грижа на најранливите. Мерките за штедење, кои ја зголемија нееднаквоста кај луѓето, само ќе ги одложат проблемите и во некои области ќе ги направат дури и „поскапи“ за решавање во подоцнежна фаза. Треба да се воспостават канали за социјален дијалог и за учество на граѓаните во донесувањето одлуки за мерките за штедење.

Ова во интервју за „Дневник“ го вели комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во врска со извештајот за кршење на човековите права со мерките за штедење. 

Според него, владите треба да обезбедат клучни информации за буџетот, даноците и за финансиските политики за да им овозможат на граѓанското општество, на парламентарните комисии, националните структури за човекови права и на судовите да вршат надзор на справувањето со кризата. Тие, вели Мужниекс, треба да бараат независни совети од омбудсманите, комисиите за човекови права и од други тела за влијанието на мерките за штедење врз човековите права и еднаквоста. 

На прашањето на Дневник, дали земјите со мерките за штедење кршат конвенции за човекови права и кои, Мужниекс вели:

- Рамката за човекови права договорена во рамките на Советот на Европа (СЕ) и во ОН е релевантна за мерките за штедење и економските и социјалните политики на владите мора да функционираат според неа. Прво, членките на СЕ се обврзани со Европската конвенција за човекови права, која е основата за активностите на СЕ. Понатаму, ревидираната Европска социјална повелба, како и Европската конвенција за социјална безбедност, се однесува на страните во овие меѓународни договори. Мерките за штедење, меѓународните заеми и пакетите за спасување, било на национално било на европско ниво, не смеат да одат против обврските што се однесуваат на човековите права и нивното влијание врз правата и еднаквоста мора да се процени. Институциите на ЕУ се обврзани со Повелбата за основни права, а ЕУ исто така се подготвува да ја потпише Европската конвенција за човекови права. ЕУ е дел и од Kонвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, чие спроведување се доведува во прашање со мерките за штедење.

Тој вели дека ефектите од кризата и од спроведувањето на мерките за штедење ги видел за време на неговите посети на Португалија, Естонија, Шпанија, Ирска, Италија и на Грција. Според Мужниекс, особено се погодени ранливите и загрозените групи, како што се децата, младите, жените, лицата со инвалидитет и Ромите.

-Невработеноста на младите во Европа достигна рекордни нивоа, а над половина од младите луѓе се официјално невработени во Шпанија, Португалија и во Грција. Kратењето на детските и на семејните додатоци, на здравствената грижа и на образованието зафати милиони семејства, па, на пример, околу 30 отсто од децата во Шпанија се на работ на сиромаштијата, а три од пет семејства во Грција во социјално загрозените области лани се бореле да ги прехранат децата. С` поголем број деца го напуштаат училиштето за да се вработат и да им помогнат на семејствата ризикувајќи доживотно да останат недоволно образовани. Од друга страна, со тоа создаваат услови за несигурност во работата и појава на детски труд и на злоупотреба. Европа е соочена со ризик да произведе загубена генерација на разочарани млади луѓе со долгорочни последици по меѓугенерациската солидарност, социјалната кохезија и по политичката стабилност, вели Мужниекс за Дневник. 

Тој апелира до  владите и до меѓународните и до европските институции дека човековите права мора да се почитуваат и при носењето економски одлуки вклучувајќи ги националните и меѓународните одговори на кризата. Kога меѓународните кредитори и тројката поставуваат услови за пакети за спасување и договори за заеми, треба повеќе да се зема предвид влијанието на човековите права, порачува Мужниекс.

12.12.2013 - 11:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега