Наскоро ќе се возиме во нови возови - еве кои се новитетите во МЖ Транспорт
Првиот човек на МЖ Транспорт а.д., Оливер Деркоски во интервју за МИА најавува проекти кои ќе ја осовременат и подобрат работата на македонските железници.
Според Деркоски, најдоцна до крајот на месецов, МЖ Транспорт ќе добие колективен договор, со кој ќе се исполнат најголем број од барањата на вработените.
- Тој колективен договор ќе има многу сличности со колективниот договор во другата фирма, МЖ „Инфраструктура“ ,меѓутоа не може да биде целосно ист затоа што и не сме исти компании, истакнува Деркоски.
Тој најавува дека со инвестиции во износ од 50 милиони евра, обезбедени со кредит од ЕБОР, МЖ Транспорт ќе го обнови возниот парк, со товарни вагони, патнички возови и рехабилитација на локомотивите. Избраните консултанти веќе ги подготвиле тендерските документации. За една недела ќе се потпише и првиот договор со избраниот добавувач за набавката на 150 товарни вагони.
- Понудената цена од сите седум понудувачи беше пониска од она што беше нашето предвидување и веројатно тоа ќе ни овозможи да набавиме уште 20-ина дополнителни товарни вагони и со тоа ќе се обнови нашиот вагонски парк со типови на вагони коишто постојано ни се барани за превоз на стока, ЕАС и РГЕСС, едните се платформи – рамни вагони, а другите се за превоз на руда, на јаглен... , појаснува Деркоски.
Според него, планираната набавка на шест патнички возови: четири дизел-моторни и два електромоторни воза, цели гарнитури, ќе значи само прв чекор кон подобрување на капацитетите на патничкиот железнички превоз со современи возови, со сите стандарди.
За набавката на возовите во трка се две компании. Се чека одобрување од Европската банка на евалуацискиот извештај и ако е се во ред ќе следи повик за доставување финансиска понуда, па потпишување договор. Целата процедуира треба да заврши до крајот на февруари следната година. Од моментот на потпишување на договорот ќе поминат 12 до 14 месеци додека дојде првиот воз во Македонија, пократки рокови не можат да се остварат никаде во светот затоа што нема возови на лагер, бидејќи се изработуваат по нарачка, посочува Деркоски.
Тој најавува дека во 2014 година ќе почне проект за рехабилитација на осум електрични локомотиви и ќе се подобрат капацитетите на товарниот транспорт. На почетокот на 2015 ќе завршат планираните активности и сите сите рехабилитирани локомотиви ќе бидат вклучени во сообраќај. За да се овозможи новите возови да имаат одржување какво што треба од април следната година МЖ Транспорт ќе пристапи кон комплетна рехабилитација на халите, со промена на кровна конструкција, фасада, постројкитете, колосеците, електричната инсталација. Деркоски вели дека мора да се осовременат затоа што не е интервенирано од нивната изградба во 1973 година.
Според него, МЖ Транспорт со оглед на околностите во кои работи последните години заради влијанието на кризата пред се кај јужниот сосед од каде главно се врши транспортот од Солунското пристаниште, и оваа година ќе ја заврши со послаби резултати, во рамки на планираната загуба.
- Се уште дефинитивно не може да се кажат точните бројки, меѓутоа ќе бидеме некаде од над планираното ниво од 470 милиони денари загуба која што е планирана од минатата година и таа е остварена. Ние во оваа тековна година се обидовме да намалиме голем дел од трошоците и успеавме во тоа. Значи, трошоците ги симнуваме во работењето, меѓутоа за жал падот на приходите е фактор којшто го оневозможува нормалното функционирање на нашата компанија и тоа ни задава поголеми проблеми во нормалното функционирање. Оваа загуба е генерална... Тука спаѓа и патничкиот превоз, тука спаѓа одржувањето како составен дел на нашата компанија и товарниот превоз. Кај товарниот превоз немаме некој особен пад, се движи меѓу 8 и 9 проценти, што со оглед на ситуацијата и не е толку лошо. Имаме пад кај превозот на патниците, не е дефинитивно колкав ќе биде, но е поголем од кај товарниот превоз. Кај одржувањето немаме зголемување на трошоците, напротив ги намаливме, меѓутоа она што значи намалување на приходи тешко се покрива, посочува Деркоски.
Според директорот на МЖ Транспорт, приходите што ги остваруваат во товарниот сообраќај, се на одредено добро ниво. Сега, појаснува тој, сме околу нулата, не работиме ниту со загуба ниту со добивка, а изминатите години добивката од товарниот сообраќај се користеше за покривање на дел од загубите. Оваа година нема да можеме тоа да го направиме, така што ќе ја завршиме годината со оваа загуба, но се надеваме на некои добри индикатори бидејќи има сигнали во последниве два месеци, дека нешто се раздвижува кај товарниот сообраќај. Се надеваме дека наредната година нешто ќе се случи во правец на подобрување на обемот на превоз кај товарниот сообраќај за да можеме да ги подобриме резултатите, наведува Деркоски.
Тој вели дека МЖ Транспорт нема да ја зголеми цената на услугите. Кај превозот на патници цената моментно е конкурентна на автобускиот превоз, а ќе се работи на привлекување што поголем број патници. Ако во минатото најголеми корисници кај превозот на патници беа студентите сега нивниот број е намален со отворањето на дисперзираните факултети. Сега најголем дел од патниците се од Велес поради дневна миграција на велешани кон Скопје. Се планира тоа да се направи и со делот кон Тетово за што ќе се пушти еден од дизел-моторните возови почесто да сообраќа на релација Тетово – Скопје и Скопје – Тетово и на тој начин да се приберат и еден дел од тие патници.
- Кога ќе заврши проектот за набавка на новите возови ќе го зголемиме и капацитетот на возови и тогаш ќе можеме да ја зголемиме фреквенцијата на возови, а се разбира со тоа се зголемува и бројот на патници. Ние сега трошоците секако ги правиме, меѓутоа бројот на патници го немаме. Со зголемување на фреквенцијата на возови и се разбира како помодерни превозни средства, климатизирани и со сите потребни стандарди, ќе се овозможи и зголемувањето на бројот на патници, истакнува Деркоски.
Според него, цените кај товарниот превоз за кои иако скоро секоја година има поплаки од бизнисот дека се високи, во споредба со сите цени во околината се најниски.
- Веќе неколку години ги држиме на исто ниво нашите цени. Иако нашите импути се зголемија, на пример, цената на струјата е повисока, цената на нафтата кај дизел-превозот е повисока, останавме со истите цени со цел да излеземе во пресрет на нашето стопанство да им помогнеме во кризата, наведува директорот на МЖ Транспорт а.д. Скопје.
Најголеми партнери во товарниот сообраќај на МЖ Транспорт, се Фени индустри, Макстил, Миталстил, Скопски легури, Југохром и Фершпед.
- Има доста превоз и од транзит, не во оној обем како што имало во годините пред кризата, но поминуваат транзитни возови низ Македонија, пред се за Грција, од правецот север – југ. Се надеваме дека во наредната година по сите преговори и разговори ќе почнат да возат возови и од југ кон север што ќе придонесе да се зголеми обемот во превозот, истакнува Деркоски во интервјуто за МИА што во целост ќе биде објавено утре.
Деркоски објаснува дека иако возниот парк е стар и дотраен и постојано се оспорува безбедноста, тимовите на МЖ Транспорт се трудат таа да се задржи на максимално ниво.
- Се што излегува на отворена пруга претходно е проверено дека е безбедно за одвивање на сообраќајот. Никој не може да гарантира дека не може да дојде до некој технички проблем во самото возење, меѓутоа сепак безбедноста е на високо ниво, вели Деркоски во интервју за МИА и додава дека во последните години е намален обемот на дефектите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа