Ховит Преговорите со Македонија се во интерес на ЕУ

Поднесени се амандманите по Предлог-резолуцијата за Македонија што ја изготви известувачот во Европскиот парламент Ричард Ховит.

- Постои силна дебата за земјата, за нејзината европска иднина, предизвиците со кои се соочува. Да, ќе има суштински забелешки кои ќе бидат дебатирани и ќе гласаме за нив и јас не го кријам тоа. Но, како известувач сум убеден дека ќе успееме да дојдеме до компромиси кои се во интерес на земјата и нејзината европска иднина, вели Ховит во изјава за Алфа.

Ховит вели дека иако амандманите на неговите колеги најверојатно ќе бидат насочени кон соочувањето на Македонија со нејзините предизвици, сепак, тие силно го поддржуваат стартот на пристапните преговори.

Тој се надева дека европратениците ќе се согласат со неговата позиција во предлог-резолуцијата дека постои недостиг на кредибилитет во процесот на преговорите за името како и дека меѓу Македонија и Бугарија постои дух на  добри релации и нова соработка. Од Македонија бара да направи се што може за напредок во аспирациите за европска интеграција.

Ховит истакнува дека Предлог - резолуцијата успеал да ја објави пред одржувањето на Европскиот совет идната недела и со тоа да изврши притисок.

- Факт е дека како известувач реков дека преговорите треба да започнат и кажав зошто. Тоа не е само во интерес на земјата, туку и на ЕУ и се надевам дека тоа ќе направи притисок врз некои влади да донесат вистинска одлука за неколку дена, вели Ховит за Алфа.

Дебатата за амандманите и гласањето по Предлог-резолуцијата за Македонија ќе се одржат во втората половина на јануари.

12.12.2013 - 09:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега