Албанија ги укинува македонските општини?

Албанската Влада сака да ги укине општините каде што живеат малцинствата, јавува Сител. За таа цел се подготвува нов Закон за територијална поделба што треба да биде на сила за локалните избори во 2015 година. Додека трендот во Македонија и во Европа е пренесување на се повеќе надлежности на локално ниво, со новиот план на албанските власти најмногу ќе бидат погодени малцинствата на Македонците и Грците во оваа земја.
- Ова за нас е еден последен чекор за асимилирање на малцинствата, конкретно на македонското и на грчкото. Тие се најмногу засегнати со овој закон. Ако се спроведе како што се најавува, бидејќи засега немаме конкретни информации од владата, и воопшто владата не се консултира со малцинствата за овој закон, вели за Сител Васил Стерјовски, генерален секретар на партијата на Македонците во Албанија.

Намерата на Владата е најмалите општини да имаат не помалку од 20 илјади жители, со што двете општини во Гора, двете во Голо Брдо и општина Пустец, населени главно со Македонци, ќе се припојат кон мнозински албански општини.
- И овие ако би се припоиле кон мнозински албански општини, сметаме дека за 20-ина години може Македонците тотално да се иселат од овие општини и така да се асимилираме, предупредува Стерјовски.

Македонците овие сериозни проблеми ги посочиле на средбата со народниот правобранител на Албанија, од кој побарале заштита на малцинските права, меѓу другото и со Закон за малцинства, со кој тие ќе бидат признати како малцинство не само во Мала Преспа, туку и во Гора и во Голо Брдо, како и во сите градови каде што живеат.

Албанскиот премиер Еди Рама, иако на почетокот на својот мандат вети подобрување на правата на малцинства, засега не презема никакви чекори, туку напротив, тој и неговите министри ги избегнуваат претставниците на малцинствата. Од Македонска алијанса потсетуваат дека иако три месеци чекаат на средба со министерката за образование за регулирање на правото на образование на мајчин јазик во македонските општини, таа ги игнорира нивните апели.

11.12.2013 - 23:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега