Џафери - Лајчак: Да се направат уставните измени и конечно да почне отворањето на поглавја со ЕУ

 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска на средба со специјалниот претставник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, изрази и задоволство што утрешната средба посветена на дијалогот ќе се одржи во Охрид.

Како што соопшти собраниската прес служба, Џафери истакнал дека за него, тоа секако претставува симболика која има свое значење и секако, признание за меѓународната позиција на нашата земја.

Република Северна Македонија, нагласил Џафери, има добри и пријателски односи со двете земји и како соседна држава, даваме голема поддршка на напорите на меѓународната заедница во постигнување на успех во намерата конечно да се најде взаемно прифатливо решение за двете страни. Во тој контекст, спикерот на Парламентот, се додава, се надоврза на досегашниот успешен меѓународен пат на Република Северна Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, пред сѐ, преку примерот на успешно решавање на тешкиот и отворен спор што го имавме со Република Грција и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Република Бугарија.

Очекувањата се, посочи Џафери, да се направат уставните измени и конечно да ги отвориме преговорите по поглавја со Европската унија.

Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, пак, се заблагодари за средбата со претседателот на Собранието и го изрази своето задоволство што е повторно во Република Северна Македонија која за него претставува земја во која има многу пријатели и земја која прва во регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација за членство во ЕУ.

Тој во потполност се согласи со претседателот Џафери дека утрешните преговори во Охрид претставуваат убава симболика за една страна која е домаќин на оваа средба и која претставува фактор на стабилноста во регионот со досегашните резултати кои ги покажа на меѓународен план.

Воедно, Лајчак нагласи дека ова е прва средба во рамките на дијалогот Белград-Приштина која се одржува вон границите на Брисел и од тој аспект ова е признание за нашата земја. Тој, се посочува, го запозна подетално претседателот Џафери со досегашниот тек на преговорите меѓу Србија и Косово, со сите досегашни фази и забелешки во рамките на овие преговори како и чекорите на имплементација и изрази надеж дека утрешниот ден ќе донесе значително придвижување на овој процес.

-Специјалниот пратеник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, меѓу другото, изрази интерес и за прашањата околу нашиот почеток на преговори со ЕУ и искажа лично уверување дека политичките актери во нашата земја ќе бидат свесни за моментумот и спремноста на ЕУ да ги почнеме преговорите по завршувањето на обврските околу правењето на уставните измени, стои во соопштението.

На крај на средбата, претседателот Џафери му посака на Лајчак успешна работа на утрешната средба во Охрид, наведуваат од собраниската прес - служба. 

17.03.2023 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега