Стојаноски: ФИТР дава 65.000 евра грант на „Електра Солушн“, еден ден откако добива лиценца

 

Артан Груби и Димитар Ковачевски се вплеткаа во сопствените лаги. Фамозната „Електра Солушн“, која според власта првин беше локален партнер стана главен столб на проект со 8,3 милиони за неа од вкупно 22 милионскиот тендер, изјави на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека „Електра Солушн“ не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива 5 дена потоа.

Според Стојаноски брзината со која „Електра Солушн“ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“.

„Електра Солушн“ од фирма која нема никакво искуство од надзор, станува преку ноќ експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65.000 евра за наводна иновација на програма, која очигледно ќе ја користат при надзорот.

Како што истакна Стојаноски, Ковачевски и Груби не само што проектот за надзор го дале на фирма која нема никакво искуство при надзор, не само што истата преку ноќ вади лиценца, туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор.

Јавното обвинителство не смее да остане пасивно. Власта првин тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, за на крај да се испостави дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала долна облека, а за лиценца за надзор поднесува барање дури откако се распишува огласот за поднесување на понуди за надзорот на Коридорите 8 и 10Д, за ден потоа да добие и грант, рече Стојаноски.

17.03.2023 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега