Дипломати од Брисел: Работиме на планот „А“ за Северна Македонија, имате огромна поддршка од земјите-членки

 

Дипломатски извори од Брисел уверуваат дека за Северна Македонија нема план „Б“, туку се работи на планот „А“ за членство на земјава во Европската Унија, за коешто, велат, постои огромна поддршка од земјите-членки.

Од Брисел уверуваат дека Западен Балкан е на врвот на агендата на ЕУи оти нема да запре политичкиот интерес за проширувањето, особено во новиот геополитички контекс.

Тие, како што јави известувачот на МИА од Брисел, се децидни дека сега е моментумот да направиме чекор напред, но треба и да испорачаме и да го забрзаме реформскиот процес.

Од друга страна, во однос на тоа колку ќе трае преговарачкиот процес, велат дека ЕК не поставува календар и не може да предвиди колку ќе траат преговорите, но порачуваат државата да направи акциски план којшто ќе биде во исто време и амбициозен и реалистичен.

Во однос на уставните измени, дипломатски извори од Брисел оценуваат дека во земјава никој нема забелешка за содржината на самите измени на Уставот, бидејќи, како што велат, државава има долга традиција на негување на правата на сите малцинства.

Проблемот тука, велат тие, не е во содржината на уставните измени, туку „проблемот којшто настана е симболизмот на тоа и проценката од ризикот дека ќе има натамошни блокади од Софија во процесот“.

Тие порачуваат ако земјава успее да оди напред во ова, и ако со Бугарите се направат напори да се изгради долгорочна доверба, како по примерот со Грција, прашањата тогаш, според нив, автоматски ќе бидат решени.

Во однос на уставните измени, дипломатите од Брисел додаваат дека акциски план за малцинства има и Србија, така што, велат, Северна Македонија не е исклучок во тоа.

Во однос на тоа дали може ЕУ да даде гаранции дека Бугарија нема да не блокира, што беше и едно од барањата на опозiцијата за да поддржи уставни измени, дипломатите порачуваат да не се фокусираме на барањата за некакви гаранции за ченство, туку на обврските што се преземени и чие остварување го прави автоматски процесот на пристапување во ЕУ.

15.03.2023 - 21:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега