УЖ на ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да и се извини на Бети, не е негова работа да коментира нечиј изглед
„Крајно сме вознемирени, најсериозно загрижени и згрозени од она што се случи денес во храмот на демократијата и тоа од страна на премиерот Ковачески! Говорот на омраза не смее да биде дел од нашето секојдневие. Најмалку што може да стори премиерот денес, е да се извини“. Ваква реакција испраќаат преку соопштение до медиумите од Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно денеска лидерот на Левица, Апасиев обелодени дека Ковачевски и дофрлил на пратеничката Бети „Жена ми е барем убава, а ти си РУЖНА“.
„Да се извини затоа што негова работа не е да коментира нечиј изглед!
Да се извини затоа што нема трпение да слуша за проблемите кои им ги создаде на граѓаните!
Да се извини затоа што ние – жените пратенички, имаме право на нормална работна средина во која ќе работиме за доброто на граѓаните и државата!
Политичка некултура, шовинизам и сексизам не смее да практикува никој, а најмалку премиерот Ковачески!
Жените во политиката имаат голема тежина“, стои во реакцијата на УЖ на опозициската партија.
„Иако сериозно сме загрижени од омразата и агресивноста кои се манифестираат во законодавниот дом, на премиерот Ковачески му порачуваме – нема да нè одвратите од намерата да се бориме за доброто на граѓаните! И додека очекуваме извинување од Ваша страна, бидете сигурен дека денешното однесување говори и повеќе од доволно за Вашата личност и Вашиот карактер“, додаваат оттаму.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа