Кире Наумов: Промена во СДСМ за промени во државата

Очигледно дека досегашната политика на СДСМ не даде резултати.  Денот на Конгресот ќе биде или почеток на крајот на Груевски и неговото владеење или почеток на темелно менување на односите во рамките на опозицијата. Изборот на втори јуни, ги става пред вистински предизвик делегатите на конгресот. Тие ќе ја понесат одговорноста за изборот во името на сите членови на СДСМ, за тоа дали Груевски ќе продолжи да владее непречено како во изминатите седум години или сите заедно ќе почнеме да ја градиме Македонија како држава во која сите граѓани достоинствено ќе живеат , вели Наумов во интервјуто за Прес24.

Наумов во Интервјуто, потенцира дека во партијата мора да се напушти практтиката на исклучување, нагласувајќи дека "во СДСМ треба да има место за секој.

-Но тоа не значи дека сите треба да се во првиот ред. Секој што искрено ја посакува победата на СДСМ треба да е свесен за сопствениот рејтинг во јавноста, вели Кире Наумов за Прес14.

Поранешниот близок соработник на Црвенковски, а денеска голем критичар на нерпвата работа, вели дека сепак "не може после 7 години вината да се стави само на грбот на Црвенковски."

-Oдлуките се носени колективно и едногласно во целиот изминат период.  Доколку сега било кој од раководството кажува дека имал поинакви ставови и мислење за тие одлуки, ама немал простор за нивна реализација, тогаш со други зборови кажува дека Црвенковски  е истото што СДСМ го тврди за Груевски. Тоа не оди баш така. Се разбира дека одговорноста на претседателот е најголема, но не и единствена, вели за Прес24, Наумов.

Тој сака да верува дека Црвенковски нема да се меша во изборот на нов лидер на партијата и дека тоа ќе значи добра можност за реорганизиација и избор на вистински лидер. Не старавува од можноста на нови внатрепартиски поделби.

- Од СДСМ досега произлегле повеќе партии и нивниот успех сите можеме да го видиме. Она што е многу пореално да се случи, доколку не се случат сериозни промени во СДСМ е појава на повеќе партии, кои нема да произлезат од СДСМ, но кои со сигурност ќе ја застапуваат левичарската идеологија и со тоа засилено ќе го освојуваат опозицискиот простор на политичката сцена во Македонија, смета Наумов.

За да се постигнат промени во државата, неопходно е СДСМ да понди друг концепт, бидејќи досегашната политика не дала резултати. Еден од моделите е Влада во сенка.

- Сите избрани „министри“ во сенка уште на самиот почеток ке знаат дека нивните имиња нема да се најдат на пратеничките листи на идните парламентарни избори.Ќе мора да се апсолутно мотивирани за победа и да веруваат во истата. Секој ресорен „министер во сенка“, ќе треба да номинира и кадровски решенија за клучните места во склоп на ресорот. На пример во министерството за финансии, ќе се знаат и условно директорите на Управата за јавни приходи и Царината. Нивна задача ќе биде следење на работата на конкретните органи, вели Наумов, потенцирајќи дека во рокови е предвидено како ќе се одвива реорганизацијата на партијата, но несака да аналзира што би значело евелтуална одлука на власта за предвремени парламентарни избори во септември.

-Мојата проекција за реализација на промените што ги предвидувам по втори јуни, во нормални услови, се со рок до 31 октомври. Зборувам во делот на партиската реорганизација, промоција на новата програма и обелоденувањето на владата во сенка. Единствено номинацијата на претседателскиот кандидат за претседателските избори во 2014 година е предвидена до 30 ноември. Во случај на предвремени избори во септември ќе ги скратиме сите рокови. Одговорот на првиот дел од Вашето прашање ќе го дадам при евентуално закажување на собраниска седница на чиј дневен ред би бил распуштање на парламентот и закажување на парламентарни избори во септември, вели во интѕервјуто за Прес24, Кире Наумов, кандидат за претседател на СДСМ

ПРЕС24: Социјалдемократскиот сојуз, веројатно за прв пат во својата историја е пред најнеизвесниот партиски конгрес. Засега четрири издефинирани кандидатури. Проценките се дека Вашата кандидатура го раздвижи однатре СДСМ. Што очекувате до денот на конгресот дали на гласачкото ливче ќе останат сегашните четири имиња?

НАУМОВ: Ако сите сме искрени во нашите намери дека се залагаме за промени, преку кои СДСМ повторно ќе ја стекне довербата на мнозинството на граѓани на РМакедонија, тогаш очекувам фер постапка, во која личните интереси и амбиции ќе ги ставиме во втор план. Во наредните три недели, јавноста ќе препознае дали вистински во СДСМ има волја за менување на начинот на досегашното спроведување на политиките или пак Конгресот ќе се сведе само на козметички промени.

ПРЕС24:Колку сте уверени дека Црвенковски нема да се меша во изборот на нов лидер?

НАУМОВ:  Во моментов можеме за тоа само да им веруваме на зборот на членовите на раководството кои во своите изјави ја уверуваат јавноста и членството дека ќе биде така.

ПРЕС24: Дали Црвенковски е главната причина за серијата порази на опоцијата. И по седум години опозиција не успева да мрдне ни процент во рејтингот?

НАУМОВ: Во СДСМ не е направена анализа на изборните порази  почнувајќи од 2006 година. Се сменија Бучковски, Шекеринска, Заев како претседатели. Генерални секретари во овој период беа Горан Минчев, Игор Ивановски, Андреј Петров.  Не може после 7 години вината да се стави само на грбот на Црвенковски. Одлуките се носени колективно и едногласно во целиот изминат период.  Доколку сега било кој од раководството кажува дека имал поинакви ставови и мислење за тие одлуки, ама немал простор за нивна реализација, тогаш со други зборови кажува дека Црвенковски  е истото што СДСМ го тврди за Груевски. Тоа не оди баш така. Се разбира дека одговорноста на претседателот е најголема, но не и единствена. Да имавме до сега сериозна анализа за сите порази и врз основа на неа да беа превземени соодветни чекори (како програмски, така и кадровски), сега со сигурност СДСМ повторно ќе ја предводеше Владата на РМ.

ПРЕС24: Точно ли е дека Црвенковски тврдел дека секој може да победи, само не и Кире Наумов?

НАУМОВ:  Тоа ќе треба да го прашате Црвенковски. Јас колку што знам, официјалниот став е дека Црвенковски нема да се меша во изборот.

ПРЕС24: Кој од кандидатите е изборот на Црвенковски. Познавачите на состојбите велат дека тој треба да се бара меѓу Игор Ивановски и Зоран Јовановски?

НАУМОВ:  Да не го повторувам официјалниот став од погоре.(се смее)

ПРЕС24: Господине Наумов, за СДСМ ако сака да остане втор, а потоа и прв политички субјект, веројатно пресудно е да се одговори на прашањето, кој може да го победи Црвенковски?

НАУМОВ: Само тој што нема да ја повлече кандидатурата , ако евентуално Црвенковски се премисли и повторно се кандидира за претседател, но вистинското прашање е кој може да го победи Груевски? Тоа е прашањето кое треба, после низа од порази во последните 7 години, да си го постават и да дадат одговор членовите на Конгресот на СДСМ. Огромна ќе биде нивната одговорност, во името на сите членови на СДСМ да ја донесат таа одлука.

ПРЕС24: Ве прашувам затоа што и сами знаете дека претстојниот конгрес е тој кој истите делегати ќе го избрерат работните тела на партијата. Тоа веројатно ќе подразбира дека во нив ќе бидат пак луѓето од актуелното раководство. Во таков случај, претпоставувам се согласувате дека доминацијата на Црвенковски е присутна. Сакам да Ве прашам, хипотетички, ако станете претседател на СДСМ, имате ли капацитет и воља да расчиситие до оние структури, за кои и Бучковски и Бузлевски и Јакимовски и многумина тврдеа дека со години се дел од структурата на партијата што ја влече назад?

НАУМОВ:  Времето на расчистување со кадри треба да биде минато. Лесно е да исклучите некого, но секогаш треба да имате во предвид дека зад секого стои определен број на членови кои истотака ги губите. Во СДСМ треба да има место за секој, но тоа не значи дека сите треба да се во првиот ред. Секој што искрено ја посакува победата на СДСМ треба да е свесен за сопствениот рејтинг во јавноста. Некогаш личните квалитети, не се одразуваат и во рејтингот што одредена личност ја има во јавноста. Но, тоа е така во политиката и заради тоа  кадровските промени во секоја партија се нужни ако целта ни е победа на следните избори.

ПРЕС24: Што мислите, кого владеачката партија најмногу го посакува за лидер на СДСМ?

НАУМОВ:  Мислам дека владеачката партија ќе беше најсреќна ако воопшто немаше Конгрес во јуни.

ПРЕС24: Конгресот е сега за еден месец. Јас сакам да Ве прашам нешто друго. Нешто кое што многумина проценуваат дека може да се случи и да значи директно или индиректно одработување за Црвенковски. А тоа се предвремени парламентарни избори во септемри. Тоа би бил првиот пораз на новиот лидер и веројатно отворена врата за голем камбек на Црвенковски. Имате ли решение за таква ситација, сте размислувале ли на тоа?

НАУМОВ:  Се разбира дека е тоа најнеповолната варијанта за било кое ново раководство.Тајмингот до септември е прекраток, но како во политиката, така и во животот морате да ги предвидите пред се најнеповолните варијанти. Претпоставувам дека сите останати кандидатите ја имаат во предвид и оваа ситуација. Мојата проекција за реализација на промените што ги предвидувам по втори јуни, во нормални услови, се со рок до 31 октомври. Зборувам во делот на партиската реорганизација, промоција на новата програма и обелоденувањето на владата во сенка. Единствено номинацијата на претседателскиот кандидат за претседателските избори во 2014 година е предвидена до 30 ноември. Во случај на предвремени избори во септември ќе ги скратиме сите рокови. Одговорот на првиот дел од Вашето прашање ќе го дадам при евентуално закажување на собраниска седница на чиј дневен ред би бил распуштање на парламентот и закажување на парламентарни избори во септември. 

ПРЕС24: Старвувате ли од можни сериозни внатрепартиски поделби, па и формирање на нова политичка партија која би произлегла од СДСМ?

НАУМОВ:  Од СДСМ досега произлегле повеќе партии и нивниот успех сите можеме да го видиме. Она што е многу пореално да се случи, доколку не се случат сериозни промени во СДСМ е појава на повеќе партии, кои нема да произлезат од СДСМ, но кои со сигурност ќе ја застапуваат левичарската идеологија и со тоа засилено ќе го освојуваат опозицискиот простор на политичката сцена во Македонија.

 

ПРЕС24: На СДСМ повеќе од очигледно е дак и се потребни нови луѓе. Младината мислам дека не се пистоветува со социјалдемократска идеја во државата. Имате ли начин како да привлечете нови луѓе, па макар тоа биле и членови на други партии. Тоа како концепт се покажа успешен кај владеачката партија?

НАУМОВ:  СДСМ е левоориентирана партија и како таква ја градеше Македонија во првите години од самостојноста и тоа со труд и енергија на многу наши граѓани. Затоа СДСМ не смее да биде безидејна група собрана околу индивидуални и краткорочни интереси. Воедно, СДСМ неможе повеќе  да се обединува со поединци и политички опции кои имаат дијаметрално различни идеологии од основните социјалдемократски начела. СДСМ има база која треба да ја зацврсти и надгради. Базата ни е во секој  човек кој Македонија ја гледа како европска, напредна, социјалноправедна, стабилна земја, чии граѓани сакаат да живеат гордо и рамноправно во мултиетничка држава. Затоа СДСМ мора да го смени односот кон граѓанското општество во најширока смисла на зборот. Во моментот кога секој поединец ќе увиди дека во СДСМ може да најде место за реализација на своите идеи, кога ќе ја споделува насоката која СДСМ ја прокламира за правецот во кој треба да се движи државата, тоа ќе биде моментот кога мнозинството граѓаните ќе му речат збогум на Груевски. 

ПРЕС24: Ајде малку за тоа како мислите, ако станете лидер на СДСМ, да и парирате на владеачката партија?

НАУМОВ:  За жал, во Македонија политичката битка на избори се сведе на битка на претседателите на најголемите партии. Тоа мора да се промени. Јас се залагам во преден план СДСМ со својата програма, со освежен кадровски тим, со нов пристап во односот кон граѓаните, да стане политичка алтернатива на оваа власт. Ние преку програма заснована на социјалдемократски начела треба да допреме до работниците, осиромашените, земјоделците, невработените, маргинализираните групи. Програма која ќе биде  препознаена и прифатена од мнозинството граѓани како можност да се оствари нивната основна желба, да живеат достоинствено од својот труд. За спроведување на нашата програма ќе бараме партнери за соработка не само помеѓу партиите од условно македонскиот блок и  партиите на етничките заедници, туку и помеѓу различни здруженија и интелектуалци Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми,Бошњаци. Верската и националната различност во Македонија треба да биде фактори на обединување.Понатаму, ќе предложиме серија на механизми кои ќе ја вратат улогата на синдикатот во нашето општество како заштитник на правата на работниците. Во економскиот дел на програмата ќе понудиме мерки со кои ќе го потикнеме економскиот раст, а притоа ќе ја гарантираме социјалната сигурност на правична основа.

Во рамките на партиската реорганизација, СДСМ целосно својата организациона поставеност ќе ја приспособи на изборниот модел за парламентарни избори. Ќе предложам шест потпретседатели. Секој од посебна изборна единица. Потпретседателите заедно се Генералниот секретар (кој повторно ќе ја добие позицијата и одговорностите, како пред последните промени на статутот) ќе бидат задолжени како за зацврстување на партиската структура на терен, така и за овозможување на секојдневна комуникација помеѓу општинските организации и раководството. Не смее да дозволиме да ни се случи повторно раководствата на општинските организации да немаат каде да ги истакнат своите проблеми со кои се соочуваат во реализацијата на партиските активности. При една таква поставеност логичен тек ќе биде и децентрализацијата на општинските организации, особено во делот на локалните избори. Како во предлагањето на програмата за настап на локални избори, така и целосно во составот на советничките листи.

Промената во СДСМ, ќе го означи почетокот на процесот на промени во државата.

ПРЕС24: Најавувате влада во сенка? Како таа би функционирала?

НАУМОВ:  Владата во сенка е еден од приоритети, кои ќе го направиме после Конгресот. Ке ги повикаме сите што се чувствуваат спремни да одговорат на предизвикот и што секако се стручни во своите области на делување, да поднесат соодветна програма за определен ресор. Кога зборувам сите, мислам на кадровскиот потенцијал од СДСМ, но исто така ќе се обратиме и кај нашите коалициони партнери. Повикот ќе биде отворен дури и за личности без партиска книшка, афирмирани во јавниот живот со своето знаење и искуство. Сите избрани „министри“ во сенка уште на самиот почеток ке знаат дека нивните имиња нема да се најдат на пратеничките листи на идните парламентарни избори.Ќе мора да се апсолутно мотивирани за победа и да веруваат во истата. Министрите во сенка со својата активност, со решенијата што ке ги нудат, на јавноста ќе и презентираат конкретна алтернатива на сегашната влада. Но тоа нема да значи само критика заради критика, туку анализа, контра-предлози, и решенија за одредени проблеми, но и давање на подршка за одредени одлуки кои се во интерес на граѓаните и Република Македонија . Секој ресорен „министер во сенка“, ќе треба да номинира и кадровски решенија за клучните места во склоп на ресорот. На пример во министерството за финансии, ќе се знаат и условно директорите на Управата за јавни приходи и Царината. Нивна задача ќе биде следење на работата на конкретните органи. Поради краткиот период до следните парламентарни избори, максимум две години, работата на владата во сенка и поединечно на нејзините членови ќе се разгледува на секои 3-4 месеци.Владата во сенка ќе биде избрана до 30 септември.

 

ПРЕС24:  Делегатите на конгресот се клучните. Вие го баравте списокот,  но од партијата одбија тој да Ви биде доставен Вас, но претпоставувам и на останатите кандидати. Каде ја гледате Вашата шанса?

НАУМОВ: Оваа шанса не ја доживувам лично, бидејќи без промена и реформа во СДСМ не може до дојде до промена на власта. Се залагам за промени, искрени и суштински, а не за козметички. Затоа се разликувам од другите кандидати. Очигледно дека досегашната политика на СДСМ не даде резултати.  Денот на Конгресот ќе биде или почеток на крајот на Груевски и неговото владеење или почеток на темелно менување на односите во рамките на опозицијата. Изборот на втори јуни, ги става пред вистински предизвик делегатите на конгресот. Тие ќе ја понесат одговорноста за изборот во името на сите членови на СДСМ, за тоа дали Груевски ќе продолжи да владее непречено како во изминатите седум години или сите заедно ќе почнеме да ја градиме Македонија како држава во која сите граѓани достоинствено ќе живеат .

Промена во СДСМ, за промени во Македонија.