Поради високи сметки за струја, Велес го редуцира уличното осветлување
Општина Велес поради високите сметки на електрична струја веќе неколку месеци го редуцира уличното осветлување низ главните, но и сите споредни улици и околината.
Граѓаните реагираат дека поради редуцирањето на улично осветлување, намалена е видливоста на возилата и на пешаците во попладневните и вечерни часови. Градоначалникот на Велес, Марко Колев потврди дека имало редуцирано осветлување заради заштеда на електрична енергија и пред новодишните празници.
На обраќање на МИА до СВР Велес за бројните поплаки од возачите и пешаците за намаленото улично осветлување низ велешките улици, портпаролот на СВР Велес Ристе Самарџиев информира дека СВР Велес веќе се обратил до локалната власт за решавање на овој проблем.
-По бројните реакции од граѓаните во врска со намаленото улично осветлување што како последица доведе до отежнато одвивање на сообраќајот заради намалена видливост, а посебно за движењето на пешаците низ велешките улици, СВР Велес стапи во контакт со локалната власт. Целта е да се разреши проблемот со таканаречените „Црни точки“ на осветлувањето низ велешките улици“ и заеднички да изнајдеме решение за надминување на проблемот. Ние имаме најави и очекуваме дека овој проблем наскоро ќе биде решен во интерес на граѓаните, изјави Самарџиев.
Од локалната власт за сега нема одговор како ќе се надминат таканаречените „црни точки“ низ велешките улици, а посебно на оние главните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа