Тиомшенко: Гледаме како во Украина се појавува нов Сталин!

 

По насилните антивладините протести во Киев, лидерот на украинската опозиција Јулија Тимошенко го спореди претседателот на Украина, Виктор Јанукович со советскиот диктатор Сталин, обвинувајќи го дека земјата ја „претвора во Северна Кореја“.

- Гледаме како во Украина се појавува еден нов Сталин. Ако не го запреме сега заедно со демократскиот свет, ќе станеме втора Северна Кореја, изјави Тимошенко во обраќањето, прочитано од нејзината ќерка Евгенија пред илјадници Украинци, кои протестираат против репресиите и замрзнувањето на украинската интеграција во ЕУ. 

Според Тимошенко, која е симбол на „Портокалова револуција“ од 2004 година, „народот на Украина треба под итно да ја преземе власта, без да води преговори со диктаторот“.

- Или ќе победиме сега или подгответе се за долгогодишна диктатура. Верувам во Вас! Жалам што не сум со Вас и од се срце Ви посакувам победа, истакна Тимошенко во пораката.

Според нејзината партија „Татковина“, Тимошенко на опозициските лидери им испратила „конкретен план за акција“.

Поранешната премиерка на Украина, на претседателските избори во 2010 година загуби од Јанукович. Таа од 2011 година е во затвор, каде ја издржува седумгодишната казна под обвинение за злоупотреба на власта. Опозицијата овој случај го смета за политичка одмазда.

Ослободувањето на Тимошенко или нејзиното испраќање на лекување во странство беше клучен услов на ЕУ за потпишување на спогодбата за асоцијација со Украина, од што Киев се откажа во последен момент.

Драстичното свртување на власта кон Русија предизвика протестно движење, незабележено уште од времето на „Портокаловата револуција“

06.12.2013 - 10:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега