Латиновски се пофали со реализираните проекти во Бутел

 

Од вкупно 80 проекти предвидени во програмата за општина Бутел на големо задоволство можам да соопштам дека една третина од проектите веќе се реализирани. Убаво е да се вети, меѓутоа задоволството  и чувството кога ветеното се остварува мислам дека е уште поголемо, а најголемо е задоволството кога првите реализирани проекти се однесуваат за младите. Грижата за младите продолжува и во третиот мандат, а тоа може да се потврди со дела кои што се започнати, некои се завршуваат, а пак некои во иднина ќе продолжат да се остваруваат, рече денеска градоначалникот на Општина Бутел Петре Латиновски.

 

-Најголемиот проект е  изградбата на ОУ Живко Брајковски. Првата фаза од изградбата ќе биде завршена за 7-8 дена. Првата фаза се однесува на изградба на училиштето од темел до покрив. Училиштето зафаќа површина од 5400 метри квадратни и е едно од најголемите основни училишта во Република Македонија. Средствата за училиштето се обезбедени од Буџетот на Општина Бутел, рече Латиновски на денешната прес-конференција.

 

Тој најави дека за неколку дена ќе биде предадена во употреба училишната сала на ОУ Гоце Делчев во населеното место Љубанци.

 

-Оваа недела ќе се предаде во употреба уште едно повеќенаменско игралиште во непосредна близина на ОУ Свети Климент Охридски. Изработен е уште еден капитален проект и се надеваме дека многу брзо ќе започне да се реализира, а тоа е изградба на градника во населеното место Радишани бидејќи ако некои општини имаат проблем со недостаток на најмладите, Општина Бутел нема место каде да ги згрижи своите најмлади граѓани, а тоа се децата во градинките, рече денеска градоначалникот а Бутел.

Тој потсети дека освен за младите, Општината се грижи и за повозрасните, па затоа во Бутел, за прв пат се отвораат пензионерски клубови.

 

-Дел од тие клубови ги започнавме и ги градиме, дел ги адаптираме и оспособуваме, а во некои населени места земаме простор и под кирија. Така, отворени се пензионерските клубови во населените места Бутел 2, Скопје Север, Живко Брајковски и од сопствени средства градиме пензионерски клуб во населеното место Љуботенски пат. Денеска исто така сакам да ги охрабрам, уверам и убедам и граѓаните од останатите населени места, по Нова Година тоа темпо на адаптирање, оспособување и градење на пензионерски клубови ќе продолжи, рече Латиновски.

 

Градоначалникот Латиновски потсети дека Општината вложи и во инфраструктурата.

- Асфалтиравме 2000 м2 плато кое ќе има можност за повеќенаменско користење, за спортување, за одржување на манифестации и сега можеме слободно да кажеме дека имаме свое катче каде што ќе можеме да го користиме. Извршена е реконструкција на улица во населеното место Љубанци, улица “4”. Извршена е реконструкција и проширување на улицата во насаленото место Бел камен, од двете страни, тоа е првата фаза во должина од 250 метри, продолжува и втората фаза доколку временските услови го дозволат. Извршена е реконструкција на улицата Зуфер Мусиќ во населеното место Бутел. Продолжуваме со оспособување и други улици  во сите населени места каде што има потреби и барање од граѓаните, рече Латиновски.

 

 Градоначалникот на Бутел истакна дека овие неколку месеци, Општината ставила акцент и на изградбата на фекалната канализација.

 

- Реализиравме третата фаза од изградбата на фекалната канилизација во населеното место Љуботен,  а исто така ја завршивме во најголем дел фекалната канализација на улица 18а, на улица 62 ,на улица 15. , Реализираме атмосферска канализација на улица Алексо Бујнов, на кракот долж улицата Хошимин , крак на атмосферска канализација долж на населеното место Бутел 1, изградба на крак на атмосферска канализација долж населеното место Бутел 1, на улицата Душко Попович. Она што сакам да истакнам е дека овој период го посветувам и на изработка на урбанистички планови, рече Латиновски.

 

Градоначалникот истакна дека интензивно бараат можност и начин да изградат уште еден булевар, булеварот Христијан Тодоровски-Карпош кој поминува на територијата на Општина Бутел. Тој би ја поврзувал Општина Бутел со обиколницата и, според Латиновски, ќе има економско значење и за граѓаните на Чучер Сандево, Гази Баба, Чаир бидејќи ќе претставува втора влезна порта во Градот Скопје покрај Булеварот Словенија.

 

- Изградбата на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош ќе претставува потенцијална можност за отварање на индустриските зони, кои се предуслов за економски развој на Општина Бутел, рече Латиновски.

 

Тој најави дека за неколку дена ќе започне да се гради повеќенаменско игралиште во Бутел 2 и со тоа ќе нема населено место во Општина Бутел кое што е прескокнато.

05.12.2013 - 14:37
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа