"Големите сили да извршат притисок врз Грција" - Груевски главна тема во грчките медиуми
Премиерот Никола Груевски денеска главна тема во грчките медиуми. Весниците пишуваат дека македонскиот премиер во интервјуто за „Фајненшл Тајмс“ го обвинил Самарас за ситуацијата со Грција и повикал САД, Германија и Франција да извршат притисок за да се реши македонско-грчкиот спор.
- „Можностите за решавање на спорот со Грција за името на Македонија се најлоши во последниве 18 месеци, и за да се дојде до решение можеби ќе треба интервенција од САД и водечките сили во Европа, изјави Груевски за Фајненшл Тајмс“, пишува „Катимерини“.
„Покрај тоа што ги повика големите сили да извршат притисок врз Атина за решавање на името, Груевски јавно го обвини премиерот Самарас дека има најекстремни позиции во историјата на спорот за името и ја потврди потребата Грција да го почитува Меѓународниот суд во Хаг кој пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба во контекст на Самитот на НАТО во април 2008 година“, наведува „То Вима“.
-„Би сакал да видам притисокот да оди во насока на почитување на одлуката на МСП. Барам почитување на меѓународното право. Инаку што е поентата на судот, и што е поентата на меѓународното право? “, вели Груевски за британскиот весник, а „То Вима“ во тој контекст пишува дека „е јасно оти некои чекори кои можат да се толкуваат како случајност – можеби и не се“.
Добро информирани извори во Брисел за „То Вима“ изјавиле дека во моментов не постојат намери да се предизвикаат проблеми во грчката Влада со покренување на толку чувствително национално прашање.
„Сепак, одредни кругови во грчката дипломатија изразиле загриженост дека и покрај јасниот став на грчката страна дека сака име за сите употреби со јасна географска одредница пред терминот ’Македонија’, постои чувство дека после јуни следната година ќе има јасна мобилност со потенцијална пресвртница на самитот на НАТО во Велика Британија во септември. Истите кругови нагласуваат дека, навистина, Груевски забележливо избегнува да зборува за европската перспектива на Скопје и е ориентиран главно кон НАТО“, заклучува „То Вима.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа